Астрономски: Барселона продаде дел од ТВ правата за 207,5 милиони евра

од Nikola Popovski

Фудбалскиот клуб Барселона продаде 10% од телевизиските клупски права за натпреварите во Примера во следните 25 години на американскиот фонд „Sixth Street“, за сума од 207,5 милиони евра, објави каталонскиот клуб.

„Со оваа трансакција Барселона остварува вкупна капитална добивка од 267 милиони евра за тековната сезона“, се вели во соопштението на клубот.

Барселона е во финансиски проблеми, а каталонските медиуми пренесуваат дека без овој договор клубот годината би ја завршил со минус од 150 милиони евра.

„Ги активираме економските одлуки и ја спроведуваме нашата трпелива, одржлива и ефикасна стратегија за зајакнување на финансиската основа“, рече претседателот на Барселона, Жоан Лапорта.

Продажбата на телевизиските права е една од двете финансиски одлуки кои беа донесени на минатонеделната седница на собранието на клубот, со цел што побрзо да се зголемат приходите и да се овозможи доведување на играчи.

Барселона може да продаде до 25 отсто од телевизиските права за најмногу 25 години.

 

Слични содржини