Атанасоски: Најголемиот национален и државен празник останува „јаболко на раздорот“ за Македонците и политичката елита

од Vladimir Zorba

За жал наместо сплотеност и обединетост, најголемиот национален и државен празник за Македонците и македонската политичка елита останува да биде ,,јаболко на раздорот”, односно секој различно, каде сака, како сака и со кого сака да го интерпретира и прославува, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, воочи 2.август.

Според него, политичките елити во земјата не се достојни да го слават овој македонски историски Велигден, ниту пак, како што вели, „имаат државотворност истиот да го чествуваат“, додавајќи дека „целосно го испоганија и го избербатија празникот“.

-Не случајно македонската државно-правна традиција беше создадена на 2. август во манастирот „Прохор Пчињски“ како историски и мемориски континуитет на Илинденското востание, кое било врежано во меморискиот код на населението, партизаните и комунистите на Македонија кои ја создале првата македонска држава, како најголемо востание на Македонците во минатото. Денеска за жал, нашите политички елити не се достојни да го слават овој македонски историски Велигден, ниту пак имаат државотворност истиот да го чествуваат. Целосно го испоганија и го избербатија, подвлекува аналитичаро.

Атанасоски вели дека најголемите македонски партии се всушност главниот проблем за состојбата во која Македонците се наоѓаат денеска.

-Тие поставија систем на целосна партизираност, клиентилизам, послушност и партиски култ кон лидерите и наместо од Македонија да создадат модерна европска земја за живеење кое ќе биде пристојно место за себе реализација, тие со тој начин на функционирање ги избркаа младите, и не само нив, туку сите кои не се наоѓаат во нивниот шаблон на поимање на политиката. Македонија не е демократија, туку партитократија. Политичките партии се присутни насекаде: во образованието, здравството, културата, науката, медиумите, невладиниот сектор, буквално нема општествена пора во која тие не навлегле и како гангренозна рана го јадат македонското ткиво уништувајќи ги сите здрави клетки на македонскиот организам, подвлекува тој.

Благојче Атанасоски

Благојче Атанасоски

Аналитичарот дели ист став со претседатеолот Пендаровски во однос на тоа дека „Македонците се гледаат преку нишан, национално помирување е невозможно“, појаснувајќи дека повиците за национално обединување се премногу „ патетични“.

-Мислам дека сите тие повици за национално обединување се премногу лицемерни и патетични, дури би рекол безобразни бидејќи доаѓаат од устите на тие кои се најголеми разденители (политичарите). Првиот човек на државата констатирал само еден жален факт, кој провејува еве веќе 30 години, буквално од независноста на Македонија, без исклучок во сите овие три децении. Веројатно тоа некому најмногу му одговараше за да владее што полесно по старата древна мудрост,, раздели па владеј “, смета Атанасоски.

На прашањето за тоа како гледа на „предвидувањето“ на претседателот на МАНУ, Коцарев кој вели дека до 2084 година Македонија ќе влезе во ЕУ како „делумно рамноправна членка“, а Македонците ќе исчезнат имајќи ги предвид моменталните услови, аналитичарот децидно вели „ луѓе кои немаат базично познавање на историјата, политичките науки не треба воопшто да имаат допирна точка со јавните и општите работи“.

-Без должна почит, мислам дека луѓе кои немаат базично познавање на историјата, политичките науки, општественоста на Македонија и нејзината комплексност не треба воопшто да имаат допирна точка со јавните и општите работи. Бидејќи таквиот допир (можноста да влијаат врз процесите), е погубен и катастрофален за Македонија и Македонците. Овој дотичен господин е заглавен во некое националистичко и фаталистичко сценарио, не може да излезе од кожурецот на проектираната себеперцепција (како Македонец), дека сите се против нас, не мразат, сакаат да не уништат, обезличат, да не снема, ајде да кажам тоа им,, доликува ” на некои квази карикатурални политички аналитичари кои и се платени да шират ваков дефетизам и нихилизам. Но на првиот човек на највисоката македонска научна институција, и тоа,, врвен светски физичар”, не само што не му доликуваат овие тези на национална колективна погибија, туку се граничат и со психичко – деловната способност. Тука конзилиум од психијатри е потребен, не толкувања и мислења од аналитичари, подвелкува тој.

Во врска со тоа дали политиката на големите партии „подели па владеј“ на крајот ќе се покаже како клучна за евентуалното остварување на сценариото „истребување на Македонците“, Атанасоски е на ставот дека нема потреба од таква „епска патетична драматургија за иднината на Македонија“.

-Тој термин,, истребување ” на Македонците е фаталистичен и проектиран во нихилистичкото,, смртно” сценарио за Македонија. Сепак јас мислам дека нема потреба од таква епска патетична драматургија за иднината на Македонија и Македонците. Единствено Македонците можат да се истребат доброволно преку ,,неговата светост”, а тоа е бугарскиот пасош кој го вадат како единствена можност за трајно иселување од Македонија и потрага по себереализација и среќа во развиените држави во Европа и светот. Се друго е ветер и магла и лук и вода на заплашување на страшливото и нееманципирано македонско население. Тоа намерно го прават и партиите и некои центри на моќ, Македонија и Македонците да ги држат во константен грч и страв за да може полесно да ги владеат, вели тој.

Б.М.

Слични содржини