Audi инвестира уште 300 милиони евра во својата фабрика во Унгарија

од Vladimir Zorba

Минатата година Audi произведе 171.000 возила во Унгарија, која веќе вработува околу 13.000 работници.

Audi ќе инвестира 301 милион евра во зголемување на производството на електрични мотори за автомобили во својата фабрика во Ѓер, Унгарија. Инвестицијата ја потврди и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

Иако некои специфики на планот останаа непознати, Сијарто потврди дека Audi ќе добие владин грант, односно финансиски средства во износ од 21 милион евра за помош за проширување на фабриката со што ќе се отворат 500 нови работни места.

Електромоторите кои ќе се произведуваат во фабриката ќе се вградуваат во сите електрични модели на Volkswagen Group базирани на механичката платформа MEB. Се очекува производството да започне во 2025 година.

Audi произведува електрични мотори во Унгарија од 2018 година, што е важен пазар на производи за германскиот производител на автомобили. Минатата година Audi направи 171.000 возила во таа земја, во која веќе работат околу 13.000 работници.

Тоа придонесе Унгарија да стане 20-ти најголем извозник на автомобили во светот, пренесe Daily News Hungary.

Интересно е тоа што групацијата Volkswagen веќе ја заснова својата иднина на нова механичка платформа, различна од архитектурата MEB која лежи во основата на повеќето нејзини електрични возила.

Во средината на 2021 година, германскиот автомобилски гигант откри дека ќе ги укине сите свои механички платформи за возила со мотори со внатрешно согорување во следната деценија и на крајот ќе ги консолидира своите две постоечки EV платформи, архитектурите MEB и PPE, во една наречена Scalable Systems Platform (SSP).

Оваа архитектура на крајот ќе биде основата на секое возило на групацијата VW, а ќе биде понудена и на други производители на автомобили. Првото возило што ќе ја користи оваа платформа ќе биде наследникот на актуелниот Audi A8.

Слични содржини