Аваја: Ромите од Струмица под притисок да се попишат како Турци – заедницата подготвена да го бојкотира процесот

од Vladimir Zorba

Движењето Аваја соопштидека во населбата Транзит во Струмица индивидуални групи припадници на турската заедница заедно со попишувачи вршат манипулации и притисоци врз ромската заедница. Целта на овие активности на индивидуалните групи е припадниците на ромската заедница е да бидат попишани како Турци на пописот.

Од информациите на терен, индивидуални групи припадници од турската заедница одат на терен заедно со попишувачите во посета на семејствата, доделуваат знамиња и други реквизити, при што целосно се нарушува интегритетот на целиот процес на попишување.

АВАЈА бара од надлежните институции да реагираат брзо и да спречат било какви притисоци и манипулации, а лицата да бидат отстранети од позицијата попишувачи и казнети согласно член 49 од Законот за попис (2021) кој наведува дека ваквите случаеви се казнуваат со казна затвор од најмалку 3 години.

„Аваја како движење активно го следи пописот со структура од повеќе од 20 тим лидери и 120 волонтери при што мораме да истакнеме дека по претходно утврдена методологија АВАЈА направи мапирање на ромската заедница и знаеме точно колку Роми живеат во секоја општина. Доколку се повторуваат вакви случаи Ние како заедница сме приморани да го бојкотираме пописот и да не ги признаеме официјалните резултати од истиот. Истакнуваме дека Аваја спроведува кампања за значењето на пописот и допринесува за генерално спроведување на пописот, меѓутоа секоја злоупотреба ќе биде комуницирана до јавноста“, велат оттаму.

Од АВАЈА истакнуваат дека ова е втор случај откако пред два дена во Велес попишувач навел дека не може да го најде делот наменет за религија, јазик и етничка припадност во пописниот прашалник по што пописот на лицето завршило без да биде попишано како Ром. Оттаму додаваат дека од Директорот на Заводот за Статистика, Апостол Симовски добиле објаснување дека лицето е отстрането од позицијата попишувач, но не добиле одговори на прашањето, дали Државниот Завод за Статистика ќе направи ревизија на веќе пополнетите прашалници, дали постои процедура која треба да се следи во случај на погрешно пополнување на пописниот прашалник, како и да упати изричити насоки до попишувачите и државните инструктори за строго почитување на методологијата, правилата и процедурите за попишување.

Слични содржини