АВАЈА: Заев вети видливи промени за ромската заедница

од Берта Китинска

Во услови на КОВИД19 и во пресрет на парламентарните избори 2020, граѓанското движење на Ромите – АВАЈА дигитално ја мобилизира ромската заедница, застапувајќи ги нејзините интереси на парламентарни избори и да ја подигне политичката култура за информиран избор на ромската заедница.

Во периодот Декември 2019 – Мај 2020, преку директни средби и онлајн Дијалози со ромската заедница, АВАЈА подготви документ каде што се манифестираат барањата на Ромската заедницата за постигнување видливи промени кај Ромите во наредните четири години.

Во пресрет на парламентарните избори 2020, АВАЈА како граѓанско движење испрати покани за јавно соочување/ дискусија со носителите на листи, ромските кандидати/ки, но и со претседателите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. На поканата за дискусија на централното сослушување се одѕва Зоран Заев предводник на коалицијата Можеме, додека Христијан Мицковски поради зафатената агенда не можеше да присуствува.

На централната дискусија со Заев се дискутираше на тема поврзана со Парламентарните избори и заложбите за подобрување на состојбата на Ромите. Во текот на дискусијата четири беа опфатени клучни теми – визија за Ромската заедница во наредните 4 години, правичната застапеност, вработување на Ромите во приватниот сектор и инфраструктура и буџет за инвестиции за подобрување на положбата на Ромите.

Заев укажа дека најголем фокус во наредните четири години ќе се посвети на Ромската заедница за да биде на еднакво ниво со останатите заедници. Во делот на заложби за Ромите, истакна дека во однос на правичната застапеност предвидено е Ромите да имаат свои претставници во извршната власт со вклучување на квалитетни ромски кадри. Она што се предвидува е во првите 100 дена, да се подобри застапеноста на Ромите на одлучувачко ниво и на ниво на раководни позиции. Во тој домен се планираат укинување на министрите без ресор, воведување директорати опремени со административна структура да подготват 4 годишна агенда за подобрување на животот на Ромите. Воедно, фокус се предвидува на комунално и инфраструктурни проекти, но и на легислатива, особено во делот на донесување на новиот закон за легализација за да може и Ромите да добијат имотен лист. Капитални инвестиции за инфраструктурен развој на ромските населби треба да се зголемат и во самиот буџет да се воведе пондер за зголемена алокација за забрзено инвестирање во Ромските населби.

Во делот на вработување, оние лица кои се вработени со договор на дело да добијат решенија во јавната администрација и да се овозможи и поддршка во приватниот сектор, особено во основање на компании во форма на поддршка со грантови, за влез во формалниот сектор особено на младите, како и дополнителен стимул за жена Ромка за отворање на бизнис. Главен фокус е да се формализира тој дел од економија за да се осигура здравствено и пензиско осигурување.

Во однос на буџетот и инвестициите, Заев истакна дека неколку инвестиции се во тек, атмосферска канализација во Шуто Оризари, подобрување на локални патишта проект во Шуто, изградба на куќи за ромски семејства во Кочани. Во однос на намалување на Буџетот за Ромите, во текот на септември, со реалокација средствата ќе се вратат во буџетот за реализација на поголем број на инфраструктурни проекти.

Преку овој вид дијалози поставуваме една поинаква пракса пред јавноста и пред граѓаните Роми, каде јавно се претставуваат заложбите, програмите и идните планови за Ромската заедница, за тие да може да направат информиран избор и да се почитува принципот на владеење на народот во вистинска смисла каде што избраните претставници се на отчет на граѓаните не само на избори туку и во текот на целиот мандат, со надеж дека што ќе се вети на избори, да се исполни после изборите.

Како граѓанска иницијатива, остануваме посветени на барањата на Ромската заедница и активно ќе го следиме процесот на реализација на ветувања, користејќи ги сите демократски средства.

Слични содржини