Австралија договори трговски договор со Велика Британија

од Stefanija Kuzmanovska

ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО и Австралија се договорија за трговски договор откако двајцата премиери ги решија сите отворени прашања, изјави австралискиот министер за трговија Дан Техан.

Трговскиот договор со Австралија беше врвен приоритет за Велика Британија во нејзината стратегија по „Брегзит“ во обид да се изградат посилни трговски и дипломатски врски во индопацифичкиот регион, но преговорите се одолговлекуваа и траеја со месеци.

Австралискиот премиер Скот Морисон и неговиот британски колега Борис Џонсон успеаја да ги надминат сите сомнежи преку билатерални разговори на маргините на состанокот на Г7 во Велика Британија, на кој Морисон присуствуваше како гостин.

„Премиерите имаа позитивна средба во Лондон и ги решија преостанатите прашања поврзани со Трговскиот договор“, рече Техан.

Трговскиот договор официјално ќе биде објавен подоцна денес, додаде тој.

Договорот внимателно ќе го проучуваат британски земјоделци кои стравуваат дека ќе останат без работа доколку со зделката се укинат царините за увоз на јагнешко и говедско месо од Австралија.

Се проценува дека договорот на британската економија ќе донесе 500 милиони фунти на долг рок.

Кога станува збор за Австралија, аналитичарите се сомневаат во важноста на договорот затоа што економијата на земјата е насочена кон Азија.

Слични содржини