Австралија размислува за дипломатски бојкот на Игрите во Пекинг

од Vladimir Zorba

Австралија размислува да не испрати ниту еден владин функционер на Зимските олимписки игри во Пекинг следната година, бидејќи се поголем број пратеници повикуваат на официјален дипломатски бојкот, пишува Sydney Morning Herald, пренесе Ројтерс.

Австралиските политичари од владејачката Либерална национална коалиција и опозициската Лабуристичка партија ја повикуваат федералната влада да го бојкотира настанот, кој ќе се одржи во Кина во февруари, пишува весникот, не наведувајќи свои извори.

Како што се наведува, дипломатскиот бојкот би значел отсуство на делегација на официјални претставници на Игрите, но не би значело забрана за учество на спортистите.

Австралиското Министерство за надворешни работи и Министерството за спорт не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар.

Американскиот претседател Џозеф Бајден минатата недела изјави дека САД размислуваат за дипломатски бојкот на Олимпијадата во Пекинг како потег во знак на протест против ситуацијата со човековите права во Кина, вклучително и она што Вашингтон го нарекува геноцид врз муслиманските малцинства.

Ројтерс наведува дека Британија сè уште нема донесено одлука за тоа кој ќе ја претставува нејзината влада на Олимпијадата, но дека премиерот Борис Џонсон не ја поддржува идејата за бојкот, се вели во изјавата на неговиот портпарол претходно оваа недела.

Во извештајот на Sydney Morning Herald се наведува дека австралиската влада ја чека одлуката на администрацијата на Бајден пред да повика на дипломатски бојкот на Олимпијадата во Пекинг.

Слични содржини