Австралија: Уапсени стотици демонстранти против „локдаунот“, 7 полицајци повредени

од Vladimir Zorba

Австралиската полиција уапси стотици демонстранти против „локдаунот“ во Мелбурн и Сиднеј во саботата, а седум полицајци беа хоспитализирани по конфликтот, додека земјата досега има најголем дневен пораст на заразени со „Ковид-19“.

Полицијата на коњи во Мелбурн користеше солзавес за да ја растера толпата од над 4.000 луѓе кои напредуваа кон полициските редови.

Во Сиднеј, голем контингент од интервентна полиција спречи собир на мал број демонстранти.

Полицијата во државата Викторија соопшти дека уапсила 218 лица во главниот град на државата Мелбурн. Полицијата најави казни во износ од 3.900 американски долари за секој што ќе биде откриено дека учествувал во протестот. Тие издадоа 236 казни и приведоа три лица за напад врз полицијата.

Полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека обвинила 47 лица за прекршување на јавните здравствени прописи или пружање отпор при апсење, меѓу другите прекршоци, и изрече повеќе од 260 казни од 35 до 3.000 долари. Полицијата соопшти дека околу 250 луѓе пристигнале во градот на протест.

Сиднеј, град со повеќе од 5 милиони луѓе, сега повеќе од два месеци во строго заклучување, досега не успеа да ја контролира заразата што се прошири преку меѓународните граници и во соседен Нов Зеланд.

Mнозинствотo од 894 случаи пријавени низ Австралија се однесуваат на Сиднеј, фокусот на ширењето на делта-варијантата на вирусот.

„Тука, во Нов Јужен Велс, ние сме во многу сериозна ситуација“, рече министерот за здравство Бред Хазард. „Сега не е време за себичност, време е да размислите за пошироката заедница и вашето семејство“, рече тој.

Полицијата патролираше по улиците во Сиднеј и го запираше приватниот и јавниот сообраќај кон центарот на градот за да го намали бројот на луѓе кои се собираат на недозволив протест.

Во Мелбурн, голема толпа успеа да протестира низ градот, а некои демонстранти се судрија со полицијата откако премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус го прошири заклучувањето од градот на целата држава.

Комесарот на Викторијанската полиција, Шејн Патон претходно ги предупреди луѓето да се држат настрана од протестите, додавајќи дека „едноставно е смешно да се мисли дека луѓето можат да бидат толку себични и да доаѓаат на протести“.

Протестите против заклучување не се поддржани од Австралијците во голема мера. Анкетата спроведена кон крајот на јули од фирмата за истражување на пазарот „Utting Research“ покажа дека само 7 проценти од луѓето ги поддржуваат протестите.

Усогласеноста со правилата за јавно здравје е една од клучните причини за успехот на Австралија во управувањето со пандемијата. Но, земјата се бори да го задржи третиот бран зараза што започна во Сиднеј кон средината на јуни.

Само една третина од Австралијците на возраст од 16 години и повеќе се целосно вакцинирани, покажуваат податоците на Федералното министерство за здравство објавени во саботата.

Бројот на случаи на Ковид-19 во Австралија останува релативно мал во споредба со другите земји, нешто повеќе од 43,000 случаи и 978 смртни случаи поврзани со „Ковид-19“.

Слични содржини