Австрија им порача на граѓаните да не патуваат во земјите од Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Австрија воведува највисоко ниво на предупредување за патување во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и С. Македонија, објави денеска владата во Виена.

„Највисокото предупредување за овие земји стапува на сила веднаш“, рече австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг. Ова е безбедносно ниво 6, што обично се издава само за земји каде преовладуваат воени конфликти.

Министерката за интеграција Сузана Раб, алудирајќи на над половина милион австриски државјани со корени во една од наведените држави, апелираше до граѓаните да ги откажат патувањата во нивните држави од потекло.

„Патувањето во овие земји треба да се откаже по секоја цена“, рече Раб на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи.

Шаленберг рече дека случаи на инфекции се веќе пријавени во Австрија, но и во Словенија и во Хрватска, кои се поврзани со луѓе кои се вратиле од некои од земјите од Западен Балкан.

Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер најави интензивни контроли во пограничната област.

За луѓето кои доаѓаат од една од овие земји, враќањето во Австрија ќе биде можно само со двонеделна самоизолација или свежо негативен тест за коронавирус.

Со денешната одлука, Австрија делумно се спротивстави на вчерашната препорака на Советот на Европската унија, со која се укина забраната за влез во ЕУ за луѓето кои доаѓаат од Србија и Црна Гора.

Слични содржини