Автобусите „мегдан“ за силеџиите: ЈСП бара поголема полициска контрола

од Берта Китинска

Со оглед на зачестените инциденти, очигледно неопходна е поголема/зајакната контрола на јавните места, како и во јавниот превоз од страна на екипи на МВР, велат во разговор за „Локално“ од ЈСП, Скопје во врска со честите инциденти кои се случуваат во градските автобуси.

Оттаму посочуваат дека и до нивното претпријатие повремено пристигнуваат барања за контроли на полицијата во јавниот превоз.

-Генерално, во случај на инциденти (вербални расправии, закани на релација патник – контролор и обратно, патник – возач и обратно, патник – патник) по пријава, реагира Внатрешна контрола на ЈСП, а во зависност од „тежината“ на инцидентот и МВР.Внатрешната контрола на ЈСП може да повика асистенција на полиција, како и да наложи застанување на возилото, пососчуваат од ЈСП.

Според нивната статистиката од извештајот за работењето за период Јануари – Јуни 2022 год, регистрирани се 278 инциденти.

Инциденти јануари – јуни 2022 год:

· 1 физички напад врз возач

· 5 физички пресметки во возила

· 215 оштетувања на возила (сообраќајни незгоди)

· 10 закани

· 47 проблеми

Полициски патроли во автобусите

Пред неколку дена се случи немил настан во автобус на ЈСП кој возел низ општина Кисела Вода.

Со oстри предмети беа повредени две деца, кои според информациите на МВР дошло до кавга за седиште во автобус.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски пред недела дена ги алармираше надлежните органи, ЈСП и месните заедници во општината дека треба со заеднички напори, низ разговори и со конкретни мерки, да се работи на превенција на насилството, зашто сѐ почесто има случаи на повредени деца во општината.

Стефковски вели дека заедно со полицајци од полициската станица Гази Баба се качил во автобус со број 65 од Автокоманда до Стајковци, релација на која често пати добивал поплаки дека се случуваат тепачки или физички напади врз деца кои одат или се враќаат од улилиште.

„Се сретнав со средношколци, но и со граѓани, родители, со кои разговаравме за немилите настани кои минатата недела се случуваа во овој автобус и мојата порака до сите беше: насилството мора да запре! Полициски патроли ќе има во автобусите сѐ до целосно надминување на ваквите проблеми“, изјави Стефковски.

Тој минатата недела јавно ги информираше институциите дека во континуитет се случуваат инциденти во автобусите на ЈСП кои поминуваат од Ченто, преку Сингелиќ до Стајковци. Тој упатил официјален допис до полициската станица со кој информирал за насилството и побарал присуство на полиција во автобусите.

Б.М.

Слични содржини