Азевски: Ако 90% од интелектуалците во една држава викаат дека работите ќе ги реши „калето“, тоа е тежок пораз на самиот себе

од Vladimir Zorba

Македонската држава сигурно ќе опстои. Не затоа што прави што треба, него затоа што меѓународните околности се такви. И веројатно тоа е главната причина за нашето заостанување во развој слаба активност бидејќи човек кој има алтернатива да друг му ги решава работите не пружа максимум во она што треба сам да го прави. Ако 90% од интелектуалците во една држава викаат дека работите ќе ги реши „калето“, тоа е тежок пораз на самиот себе, затоа што ти однапред си решил да не се трудиш, вели Бранко Азески, претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија, во интервју по повод „100 години Комора“.

Вели дека државата и понатака на Коморите гледа како на помошни органи на државната власт, кои ете така нешто „матат“, и треба да ги користат за своите ПР стратегии.

„И нормално грешат. Ние на секој премиер му поклонуваме слика со легендарната реченица на Харолд Вилсон премиер на Велика Британија од 70-тите години кој што рекол „Подобро е Комората да ја имаме како партнер на Владата во конципирање на законите, отколку како противник во нивната имплементација“. Зошто тоа до крај не се спроведува не ми е јасно ако пак е јасно дека ако фирмите создаваат профит тоа е бенефит и за Коморите и за државата“, посочува Азески.

За надимакот „балкански коморски лидер“, Азески вели дека за него, Балканот секогаш преставувал предизвик.

„Толкава убавина на толку мал простор нема никаде. Околу Балканот има 5 мориња, Црно, Мраморно, Јонска, Егејско и Јадранско. Има огромни низини, планини, реки, езера, нема само едно, ум, кој ќе успее да ги поврзе сите тие инфраструктурно. Затоа што тогаш ќе можеш да доручкуваш во Дубровник, да ручаш во Солун, а да вечераш во Истанбул. Или пак да доручкуваш во Букурешт, да ручаш во Приштина, да вечераш во Драч. Плус тоа нема ниту тајфуни, ниту цунамија, нити циклони, што значи дека кафезот е од злато ама „биљбиљот“ внатре не чини, што ќе рече еден мој пријател Аднан Чинан кој долги години живееше во Охрид и се пресели во Истанбул. Е тој Балкан јас секогаш го разбирав како регион и од мојата најрана возраст сум го крстосувал по разни основи. Така се изгради мојата мрежа која после е ставена во функција на бизнисот. А бизнисот и Комората ме донесоа на чело на најмоќните регионални бизнис здруженија. Така го заработив и овој надимак „балкански коморски лидер“ кој е апсолутен синоним за човек кој помага на секој во бизнисот на балканските простори“, посочува Азески.

Слични содржини