Бајден потпиша неколку уредби во борбата против ковид 19

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот претседател Џо Бајден вчера потпиша неколку извршни уредби за подобрување на борбата против коронавирусот.

Меѓу одлуките се забрзувањето на вакцинацијата и воведувањето на итна промена во законот, што ќе овозможи зголемено производство на маски и лекови за третман на ковид-19.

Исто така, се формира Национален одбор за тестирање за да се зголеми бројот на тестирани граѓани, како и Работна група за здравствена еднаквост, која треба да обезбеди „фер“ одговор на пандемијата, пренесоа американските медиуми.

„Досега не можевме да се потпреме на федералната влада, таа не делуваше итно, со фокус и координација кои ни се потребна да се бориме против пандемијата, а потоа ја плативме цената“, рече Бајден, додавајќи дека Америка во последните неколку недели бележела меѓу 3.000. и 4.000 смртни случаи секој ден.

Тој повтори дека ситуацијата ќе биде многу полоша пред да се подобри.

„Според податоците, 20 проценти од смртните случаи ширум светот се во САД, иако нашата земја сочинува само четири проценти од светската популација“, рече тој.

Американската администрација за безбедност и здравје при работа ќе објави упатства за заштита од инфекција со коронавирус и ќе ја следи нивната примена.

Слични содржини