Бајден потпиша уредби за борба против климатските промени: Не можеме да чекаме повеќе

од Stefanija Kuzmanovska

Новиот американски претседател Џозеф Бајден денес потпиша неколку укази кои треба да придонесат во борбата против климатските промени.

Уредбите, меѓу другото, имаат за цел да го елиминираат загадувањето од фосилните горива во електроенергетскиот сектор до 2035 година и во целата американска економија до 2050 година, со зголемување на употребата на соларна и ветерна енергија, истовремено намалувајќи ја зависноста од нафта и гас.

Целта е да се забави глобалното затоплување, што придонесува за почести пожари, обилни дождови и урагани, според „Асошиејтед Прес“.

„Повеќе не можеме да чекаме во борбата против кризата предизвикана од климатските промени. Можеме со свои очи да видиме што се случува. Време е за акција“, рече Бајден.

Тој додаде дека уредбите „значително ќе придонесат за амбициозниот план на администрацијата во борбата против егзистенцијалната закана од климатските промени“.

Уредбите вклучуваат мораториум на нови концесии за бушење нафта и гас на федерално земјиште и премин кон исклучиво електрични возила во федералните институции.

Денешниот потег носи политички ризик за Бајден и неговата Демократска партија, бидејќи на земјите што произведуваат нафта и јаглен им се заканува загуба на работни места поради ненадејниот премин кон чисти извори на енергија.

Бајден исто така најави дека ќе организира самит за климата на 22 април, Денот на планетата Земја.

Слични содржини