Бајден: Во првите сто дена од мандатот, вакцинирани ќе бидат сто милиони граѓани

од Nikola Popovski

Новоизбраниот американски претседател, Џозеф Бајден, го претстави тимот што ќе го води неговиот тим во борбата против пандемијата и посочи дека ќе биде потребна масовна дистрибуција на вакцини со цел да се постигне целта од сто милиони вакцинирани во првите сто дена од неговиот мандат, пренесува Ројтерс.

На синоќешниот брифинг во Вилмингтон, Бајден изјави дека му е потребен Конгресот за целосно финансирање на дистрибуцијата на вакцини во сите делови на САД.

Во првите сто дена од мандатот, национален приоритет ќе биде враќањето на децата во училиштата, рече новоизбраниот претседател.

„Во првите сто дена, можеме да го смениме текот на пандемијата и да го направиме животот во Америка подобар“, вели Бајден.

Во неговиот тим кој ќе биде задолжен за управување со пандемијата ќе бидат државниот тужител на Калифорнија, Хавиер Бесера, кому ќе биде доверен Секретаријатот за здравство и социјални услуги додека на чело на центрите за контрола и превенција на болести ќе биде Рошел Валенски, началничка на одделението за инфективни болести при Општата болница „Масачусетс“ во Бостон.

Главен советник за пандемија на Бајден ќе биде Ентони Фаучи, директор на националниот Институт за алергии и инфективни болести, а Вивек Мурти, прв човек на јавното здравство во администрацијата на Обама, ќе се врати на таа функција.

Некогашниот економски советник на Белата куќа и член на администрацијата на Обама, Џефри Зинц ќе го надгледува одговорот на пандемијата, вклучувајќи и стотина милиони дози на вакцината во соработка со федералните агенции.

Слични содржини