Бајден за санкциите што ги воведе на Русија: „Можевме и повеќе“ (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Американскиот претседател Џо Бајден вечерва се осврна на новите санкции воведени од САД кон Русија. Како што изјави, тој се надева дека ќе има средба со рускиот лидер некаде во Европа на лето.

На почетокот на своето обраќање, Бајден потсети на значајната одговорност на Русија и САД како две суперсили во сферата на глобалната безбедност.

Како што изјави, тој имал отворен и почитуван разговор со Путин.

„Му реков на Путин дека можеме да одиме и понатаму со санкции, но јас не го сакав тоа. Решив да реагирам пропорционално. Соединетите држави немаат намера да започнат циклус на ескалација и конфликт со Русија. Ние сакаме стабилни, предвидливи односи“, рече Бајден.

Тој посочи дека САД сè уште ја разгледуваат опцијата за воведување санкции против „Северен тек 2“, но дека станува збор за комплицирано прашање.

„САД не сакаат ескалација на односите со Русија, но подготвени се да воведат нови санкции“, рече американскиот лидер.

„Ако Русија продолжи да се меша во нашата демократија, јас сум подготвен да одговорам. Сепак, за време на нашата долга историја на ривалство, нашите земји најдоа начини да ја задржат напнатоста надвор од контрола. Постојат области во кои САД и Русија можат да соработуваат“, додаде тој.

За време на разговорите со Путин, американскиот лидер изразил загриженост за „воената активност“ на Русија над Украина.

„Изразив загриженост за зголемувањето на руската воена моќ на границата со Украина и окупираниот Крим. Одлучно ги замолив да се воздржат од какви било воени активности… Сега е потребно да се намалат тензиите“, рече Бајден, изразувајќи поддршка за „суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Бајден рече дека тимовите на САД и Русија разговараат за можноста за состанок на највисоко ниво. Тој му предложил на Путин средбата да се одржи летото во Европа.

Американската администрација претходно објави дека воведува санкции за шест руски технолошки компании, како и протерување на десет руски дипломати.

Во соопштението се прецизира дека американското Министерство за финансии вовело санкции против 32 правни и физички лица кои „се обиделе да влијаат на американските претседателски избори во 2020 година и извршиле други акти на дезинформација и мешање“.

Слични содржини