Бајонтек ќе инвестира во фабрика која ќе прави милијарда вакцини годишно

од Vladimir Zorba

Германската фармацевтска компанија Бајонтек се искачи на светскиот фармацевтски врв со вакцината против коронавирусот – и научно и финансиски, но веќе размислува за времето по оваа пандемија и подготвува огромна инвестиција во Сингапур, пишува Дојче веле (DW)

Во првиот квартал од минатата година, Бајонтек сепак забележа загуба од околу педесет милиони евра, но сите трошоци за истражување и инвестиции се исплатија и во моментов работи на зголемување на производството.

Бајонтек од Мајнц го зголеми својот промет во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период во 2020 година за над 70 пати на околу две милијарди евра. А, заработката е тројно зголемена на околу 1,1 милијарди евра.

Бајонтек е подготвен да ја преземе улогата на глобален концерн што ќе има деловни активности дури и по пандемијата на коронавирусот, според ДВ.

Нивната специјалност и понатаму ќе бидат вакцините против заразни болести – генетски модифицирани препарати за кои се предвидува дека ќе играат голема улога во медицината, сè до борбата против ракот.

Кога станува збор за вакцината, Бајонтек планира седиште за Југоисточна Азија во Сингапур, каде се планира фабрика што ќе може да произведува до милијарда дози вакцини годишно.

Бајонтек не сака да зборува конкретно за висината на инвестицијата, но во секој случај, како што наведува ДВ, станува збор за „неколку стотици милиони американски долари“.

Според медиумите, Сингапур лесно прифатил и учествува во инвестицијата, а централата таму треба да започне со работа во 2023 година.

Најголем купувач на Бајонтек сè уште е Европската унија, која неодамна значително ја зголеми својата нарачка.

Слични содржини