Бајрами: До Обвинителството стигнаа релативно мал број на пријави

од Берта Китинска

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, во целост го следеше изборниот циклус и даваше насоки за итно постапување до основните јавни обвинителства и за преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик

„Она што можеме да го констатираме е дека во текот на овој изборен ден во вториот круг од локалните избори до Комисијата и до обвинителствата пристигнаа релативно мал број пријави и известувања за нерегуларности на изборниот процес. По сите пријави се оформени предмети и итно се постапува“, изјави претседателот на Комисијата, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија Џељаљ Бајрами.

На подрачјето на Основното јавно обвинителство Скопје оформен е предмет за настан пријавен на 30.10.2021 година во МВР БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција како кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик во општина Шуто Оризари. За настанот во текот на денешниот ден беше доставено писмено известување до ОЈО Скопје. Јавниот обвинител, со цел да се утврдат фактите, го испита подносителот на пријавата во својство на сведок и издаде Наредба до БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција, како подносител на известувањето со насоки за обезбедување материјални докази. Предистражната постапка трае до обезбедување на доказите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Основното јавно обвинителство Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави оформени се предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР Кочани за проверка на наводите. Доколку бидат обезбедени докази за кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности.

Во Основно јавно обвинителство Делчево на 31.10.2021 година примена е една кривична пријава против едно лице за кривично дело „Поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Кривичниот законик, по која е оформен предмет. Станува збор за настанот за кој веќе известивме со наводи за поткуп во Македонска Каменица. Во предметот се постапува во предистражна постапка.

Во Основно јавно обивнителство Радовиш добиено е усно известување во текот на денешниот ден дека едно лице кое требало да е во изолација поради контакт со позитивно лице од КОВИД 19, излегло на гласање. Дадени се насоки за проверување на наводите.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче. Се постапува за утврдување на фактите.

До Комисијата, преку електронската адреса во текот на вчерашниот ден пристигна една пријава од невладина организација, која се однесува на притисоци и закани упатени кон набљудувачи на изборите искажани преку коментари на социјална мрежа. Комисијата ги проверува наводите.

„Јавното обвинителство продолжува да го следи изборниот процес во целост и ќе постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори. Се уште останува активна и нашата електронска адреса [email protected], каде граѓаните можат да ги пријавуваат сите сомненија за кривични дела поврзани со изборите“, додаде Бајрами.​

Слични содржини