„Балканскиот Џастин Трудо“: Дали Петков може да ја извади Бугарија од ќорсокак?

од Nikola Popovski

Денес во Бугарија се одржуваат трети општи избори за една година, а еден претприемач (41) кој се школувал на Харвард се јавува како еден од водечките кандидати за надминување на политичкиот ќорсокак во земјата, пренесува „Политико“.

Според порталот, вторите избори во јули не го отвори патот за нова влада, но сега тука е Кирил Петков.

– Тој е основач на ProViotic, компанија која произведува вегански пробиотици. Тој ја воспостави својата база на обожаватели како борец против корупцијата за време на неговиот мандат како привремен министер за економија. Петков беше и за време на првата преодна влада во земјата – именувана од претседателот Румен Радев, кој исто така има добри шанси за нов мандат во недела бидејќи ужива висок рејтинг, стои во текстот.

Кој е Кирил Петков?

Популарноста на Петков изненади многумина.

-Бугарскиот Џастин Трудо беше малку познат на јавноста додека не ја презеде функцијата министер. Неговата девојка Линда Мекензи, Канаѓанка која води пекара во центарот на Софија, беше попозната од него – нејзините десерти без глутен станаа популарни по нејзиното последно појавување во реалното шоу „Master Chef“ минатата година, пишува во текстот на „Политико“.

Петков магистрирал бизнис администрација на Универзитетот Харвард, каде што дипломирал меѓу првите 10 во својата класа. Оттогаш, тој работи во различни области – од недвижности и прехранбена индустрија до претприемништво и академска заедница. По студирањето и работата во странство, Петков се враќа во Бугарија во 2007 година. Тој е еден од основачите на Центарот за економска стратегија и конкурентност, поврзан со бизнис школата Харвард и Универзитетот во Софија.

Тој успеа да привлече околу 40 отсто од гласачите на партијата на пејачот Трифонов, кои беа разочарани бидејќи шоуменот не успеа да формира влада. Партијата на Петков успеа да привлече околу 17 до 20 отсто од приврзаниците на Демократска Бугарија и повеќе од половина од гласачите на малата партија наречена „Стани! Доаѓаме“.

-Петков не бега од медиумското внимание, како што тоа го прави Трифонов, а неговиот жив однос и отвореност му донесоа бројни фанови. На политичката сцена во која доминираат непотизмот и парохиските мрежи, Петков изгради репутација на млад, модерен и образован лидер. Во суштина, тој се издвојува.

Петков е срамежлив кога е во прашање следниот кандидат за премиер, само потенцира дека приоритет му е да направи коалиција.

„Сакам да бидам сигурен дека постигнавме договор за принципите на владеење и дека сме целосно усогласени. Ако треба да избереме некој друг за премиер, тоа би го направиле, доколку тоа служи на крајната цел“, додаде тој, пишува „Политико“.

Фото: BGNES

Слични содржини