„Барав да ме остават да умрам“: Емили Кларк откри дека ѝ недостасува дел од мозокот

од Stefanija Kuzmanovska

Ѕвездата на култната серија „Игра на тронови“ откри дека ѝ недостасува дел од мозокот по тежок мозочен удар и дека е чудо што воопшто може да зборува.

Актерката Емили Кларк ги воодушеви сите со улогата на Денерис во серијата „Игра на тронови“, а сега откри со каков сериозен здравствен проблем се соочила поради што завршила на операционата маса, а не можела ни да се сети на нејзиното име.

„Дел од мојот мозок повеќе не е употреблив, чудо е што можам дури и да зборувам и да живеам сосема нормален живот без никакви последици“, изјави Емили во емисијата Sunday morning.

Во 2011 година, актерката почувствувала силна главоболка додека вежбала, а потоа се покажало дека станува збор за ретка форма на мозочен удар.

„Тренерот ме стави во позиција на пленк и веднаш почувствував како еластична трака да ми го стега мозокот. Се обидов да ја игнорирам болката, но едноставно не можев“, се присети актерката и истакна дека речиси ползејќи отишла до соблекувалната и потоа ѝ се слошило.

На помош ѝ пришла жена која случајно се нашла во близина и била пренесена во болница каде ја испратиле на магнетна резонанца, каде било констатирано дека имала субарахноидално крварење, опасен по живот тип на мозочен удар предизвикан од крварење во просторот што го опкружува мозокот.

Таа немала избор и морала да направи операција на мозокот по што не можела да се сети на сопственото име и имала потешкотии да зборува.

„Патев од состојба наречена афазија, која е резултат на траумата што ја претрпе мојот мозок. Барав од медицинскиот персонал да ме остави да умрам. Мојата работа, целиот мој сон за тоа каков ќе биде мојот живот, се засноваше на говорот, на комуникација. Без неа бев изгубена“, изјавила Емили.

За среќа, по една недела состојбата на актерката почнала да се подобрува и говорот ѝ се вратил. По целосното опоравување, актерката започна добротворна организација која собира пари за преживеаните од мозочна повреда.

Слични содржини