Бауш: Очекуваме стабилизација на пазарите во втората половина од годината, кога владите би поттикнале стабилизирање на инфлацијата

од Берта Китинска
316 прегледи

Очекувано беше со почнување со економската активност или ресетирање на националните стопанства да имаме и притисок врз покачување на цените на енергенсите со тоа и притисок врз инфлацијата, и сето ова како дополнителен притисок и војната меѓу Украина и Русија кој во многу деликатна ситуација дури и допринесува на покачувања на инфлацијата, вели во интервју за „Локално“, економскиот аналитичар Абил Бауш.

Според него параметрите почнуваат да добиваат одредена рамнотежа иако се сепак високи.

-Пазарот ќе ја достигне рамнотежата, но сето тоа ќе зависи како ние ќе излеземе од ова криза ако не научиме нешто и ако не тргнеме од некоја развојна точка, последиците ќе бидат големи и болни, смета Бауш.

Трошоците на живот во април годинава (инфлацијата) се повисоки за 10,5 отсто во споредба со истиот месец лани. Очекувате ли уште поголемо зголемување?

Во моментот сме во еден редок економски феномен на кој инфлацијата се појавува од страна на понудата која врши притисок врз трошоците на чинење на производите и со тоа се покачуваат цените. Во случај во која побарувачката го нема притисокот врз цените, очекувано беше со почнување со економската активност или ресетирање на националните стопанства да имаме и притисок врз покачување на цените на енергенсите со тоа и притисок врз инфлацијата, и сето ова како дополнителен притисок и војната меѓу Украина и Русија кој во многу деликатна ситуација дури и допринесува на покачувања на инфлацијата. Но како што истакнав еден феномен во кој сме инволвирани без исклучок сите држави во светот. Со ова само се гледа колку синџирот на снабдување и колку трговската размена и воопшто економијата како laissez- fair е погодено од овој глобален феномен. Очекуваме стабилизација на пазарите некаде втората половина од годината таму некаде од септември кога и владите од државите со нивните политики би поттикнале на стабилизирање на инфлацијата.

Колку кревањето на инфлацијата и во другите европски земји, влијае на нашата економија? Гледаме рекордни индикатори во Германија, Грција…

Секако дека влијае бидејќи ако потрошувачката моќ на потрошувачот во овие земји и воопшто опадне поради инфлацијата тоа директно би влијаело и во трговската размена со овие земји, а со тоа и нормално помала размена. Ако се сеќавате за време на пандемијата ние имавме негативен економски раст, пораст на GDP во 2020 за -8,1 и тоа во добар дел и поради трговската размена и самото ориентирање на државите кон националното стопанство. Сега ние како држава би требало да најдеме и други пазари, а и да им помогнеме на нашите компании кои се извозно ориентирани да можат да задржат дел од нивниот меѓународен пазар.

Растот на цените го поттикнуваат, во поголемиот дел, војната во Украина и се уште заздравувањето од последиците од пандемијата. Европските влади се обидуваат да интервенираат за да го сопрат „вивнувањето во воздух на цените“, но што треба да се направи кај нас? Дали надлежните (Влада, НБ) се на висина на задачата?

-Нашата влада превеземе одредени мерки краткорочни и за време на пандемијата па и сега за време на војната во Украина и се тоа очекуваме да даде некој закрепнувачки резултат, затоа што ние одиме од една фаза на криза во наредна, нели имаме заздравување на економската активност од пандемијата со која се соочуваме со поголеми цени на енергенсите во една друга криза војната во Украина која пак освен што ја поттикнува енергетската криза (ние 100% сме во зависност од Рускиот гас) и секундарно го пореметува пазарот на пченица и сончогледовото масло, која потикнува на пораст на елементарните производи. Во моментот овие краткорочни политики не го даваат очекуваниот резултат, а и не би требало да очекуваме некое чудо економски. Владата на РСМ треба посериозно да се занимаваа со долгорочни економски политики со долгорочни капитални инвестиции во енергетскиот систем, инфраструктурниот, човечкиот капитал како и со секторот на земјоделие кој треба да го премости од примитивен кон користење на модерни и технолошки методи на преработка на земјоделските производи.

НБРМ од друга страна е институција која од осамостојувањето па до ден денеска води една фиксна монетарна политика и во голем удел нејзината работа ја врши коректно со сите тие можни инструменти кои и стојат на располагање, за да ја заузда инфлацијата таа ги покачи и денеска каматните стапки на 0.25 процентуални поени со што би намалиле парите кои се во оптек. Сега ова за мене не некој добар сигнал затоа што ќе ги зголеми каматните стапки, а со тоа и дополнителни трошоци за стопанството, затоа тие се инструментите на кои што може да реагира НБРМ. Останува сепак поголемиот товар на властите во овој случај министерството за финансии и другите економски владини институции да реагираат подобро и поквалитетно за излегување и преместување на ударот од оваа криза.

Дали треба да се размислува за ново замрзнување на цени, би ја подобрило ли малку тоа тешката ситуација?

-Не, замрзнувањето на цените е многу непопуларна економска мерка и денеска резултатите се видливи на тие производи се прави тотална манипулација на стопанствениците со овие производи и се влева психолошки страв за губење на одредени производи со што потрошувачите дури и купуваат производи со манипулирани цени.

Со подобри пазарни контроли па дури и внесување на прогресивниот данок на не како што беше поставен претходно туку да се запази одредена категорија на население и дури да се оди кај нив со 0% данок на доход а ана останатите профитери да се направи и данок на над 60% од доходот, тогаш би имале одредена контрола врз целата ситуација.

Кога, според ваше мислење, граѓаните може да очекуваат „оддишка“ и стабилизација на цените? Дали воопшто е можно враќање на состојбата од пред 5,6 месеци?

-Мислам дека параметрите почнуваат да добиваат одредена рамнотежа иако се сепак високи, сепак пазарот ќе ја достигне нејзината рамнотежа, но сето тоа ќе зависи како ние ќе излеземе од ова криза ако не научиме нешто и ако не тргнеме од некоја развојна точка, последиците ќе бидат големи и болни. Јас лично очекувам дека втората половина од годината би била помирна и за очекување би било од септември да имаме понормален пазар, а со тоа и стабилизирање на цените. Е сега дали би се вратиле цените од претходно тоа во економската теорија е можна, но во практика не се случило никогаш, би имале некој благ пад на цените но не како и пред пандемијата и пред војната во Украина. Ние треба да сме свесни дека влегуваме во нова глобална економска ера на кој ќе треба да сме конкурентни на пазарот, а со тоа и привлекување на инвестиции на капитал а и можност за нови бизнис идеи.

Б.М.

Слични содржини