Беџети: Најцрната точка од 2021 година остануваат слабите институции во широка смисла на зборот

од Vladimir Zorba

За академик Абдулменаф Беџети, 2021 година треба да биде период во кој државата ќе покаже дека ги научила лекцииите и ќе почне да вложува во повеќе инвестиции во енергетскиот сектор, во транспортната инфраструктура и во здравствените капацитети.

„Барем се гледа светло во тунелот со започнатите инвестиции во соларна, ветерна па и хидро енергетски капацитети. Исто така има поблиско светло во дведецениски „темниот“ Пан-Европски коридор 8, за кој јас и лично уште пред четврт век, и во својство на министер за развој а потоа и на транспорт и врски, сум се залагал многу“, вели Беџети во интервју за Локално.мк.

Како позитивен белег кој според него ја одбележал 2021 година, ги посочува економските токови  кои  како што вели биле пооптимистички дури од проекциите.

„Економските статистики, дури и на микроекономско и микроструктурално ниво се и подобри од макро рапортираните статистики. Секако голем потик на сето ова беше и неочекуваната „инфузија“ од дијаспората која речиси го „компензира“ изгубеното во 2020 г. поради затворање на границите и државите“, дециден е Беџети.

Како  најцрна точка од 2021 г. ги извојува  слабите институции во широка смисла на зборот. Во таа насока вели, се изгорената модуларна болница, горењето на автобусот во Бугарија и институционалните пропусти, кои пред се потекнуваат од потфрлање на човечкиот фактор,  кои како што тврди, само ја потврдуваат  неговата констатација.

Професоре Беџети на три дена пред почетокот на 2022 година, можете ли да ги сумирате економските предизвици кои стојат и пред Владата и пред стопанството ?

-Има многу економски предизвици но еве неколку најважни, не само економски туку и политички кои имаат големо влијание врз економијата:

Долготрајноста на енергетската криза и високите цени во енергетската берза, ценовните тенденции и увозната инфлација, здравствената криза и состојбите со ковид, политичката нестабилност и притисокот на опозицијата врз владеачкото мнозинство, преговорите и исходот на спорот со Р.Бугарија, слаби институции и екстремно ниска доверба на граѓаните во нив,…и сл.

Се разбира, често пати дел од предизвиците, ако има добра волја, може да се претвараат и во можности како последица на научени леции од вакви длабоки кризи, како на пример приоритет со повисок интензитет на инвестиции во енергетски сектор, транспортна инфраструктура (пред и се железничка), здравствени капацитети и сл. Да беше еден бран од енергетска криза заедно со глобалната финансиска криза од 2007, со сигурност денес ќе имавме сосема поинаков енергетски капацитет, потенцијал и последично на тоа и сосема поинаков енергетски биланс во земјата, па и во регионот пошироко. Да се надеваме дека сме ја научиле лекцијата. Барем се гледа светло во тунелот со започнатите инвестиции во соларна, ветерна па и хидро енергетски капацитети. Исто така има поблиско светло во дведецениско ,,темниот,, Пан-Европски коридор 8, за кој јас и лично уште пред четврт век, и во својство на министер за развој а потоа и на транспорт и врски сум се залагал многу. Да се надевам дека конечно ќе имам среќа да ги видам проектите во реализација.

Каква иднина според вас има идејата Отворен балкан? Ќе добие ли соработката меѓу државите нов импулс и динамика  и што се е потребно оваа иницијатива да стане пример во позитивна смисла на зборот?

-Засега може да се нарекува полу-отворен Балкан како сегмент на Берлинскиот процес и покрај тоа што по големина на пазарот тој е 2/3 од вкупниот пазар на Западен Балкан. Веќе има и конкретни спогодби и договори за олеснување на протокот на стоки, услуги, капитал и луѓе со идеи, кои по една недела и ќе стапат на сила а можеби практично ќе се применуваат одкако ќе се ратификуваат од парламентите на соодветните држави.

За да биде целосно успешна оваа иницијатива потребна е политичка волја и искреност на лидерството од Западен Балкан. Демагошки и нереално е, еден ист лидер поради економскиот интерес на своја земја да ја промовира и пофали иницијатива со сите економски предности и придобивки на регионалните средби, а за политичките проблеми да има не само ектремно различни позиции, туку и провокативно да настапува со префрлување на надлежноста за тие спорови во Брисел или Вашингтон! Се додека имаме вакво лицемерие кај одреден лидер во оваа иницијатива, со огромни политички разлики, јас сум песимист дека би станале функционални сите западно-балкански држави. Дури понапред може да се случи, некоја од овие три држави попатно и да се откаже, отколку некоја од останатите да им се приклучи.

Доколку повлечете линија за стореното во пандемската 2021 год. што ќе заклучите? Што погрешивме како држава во справувањето со енергетската и здравствената криза а што како професор и академик сметате дека беше исклучително добро планирано и спроведено ?

-Ајде да почнам прво со позитивните индикатори на макроекономскиот биланс. Имајќи го предвид продолжувањето на пандемиската криза, мислам дека економските токови во 2021 година беа пооптимистички дури од проекциите. Како да се потврди теоријата дека кризата поттикнува иновација, креација и изнаоѓање на решенија па реалниот сектор добро се снајде. Економските статистики, дури и на микроекономско и микроструктурално ниво се и подобри од макро рапортираните статистики. Секако голем потик на сето ова беше и неочекуваната ,,инфузија,, од дијаспората која речиси го ,,компензира,, изгубеното во 2020 година поради затворање на границите и државите.

Секако и од аспект на менаџирање на здравствената криза 2021 година, освен пикот при крајот на летото, кој за жал помина со голем број на починати, беше многу подобра споредено со претходната година. Нивото на вакцинирање, па и динамиката во вториот а особено во третиот квартал беа многу подобри од првиот квартал на годината. Кога се рапортира дека околу 45% од населението е вакцинирано со втора вакцина, а над 55% со прва, треба да се знае дека тоа е над 80% од возрасната популација (над 18 години), затоа што, дури повеќе од една четвртина од населението и не престојува во земјата. Овие не се бројки од ракав, туку базирани на популациони статистики од миграционите институции во странство.

Најцрната точка од 2021 година остануваат слабите институции во широка смисла на зборот, што е доста комплексна квалификација. Во жално потсетување на настанот со изгорената модуларна болница, па потоа горењето на автобусот во Бугарија и институционалните пропусти, кои пред се потекнуваат од потфрлање на човечкиот фактор само ја потврдуваат мојата констатација. За да не елаборирам подетално, сите сегменти и подсистеми кои го чинат институционалниот капацитет, со една формулација ќе подвлечам дека е факторот човек (во смисла на фактор кој планира, дизајнира, создава, имплементира и врши надзор над СИСТЕМ) е најголемиот проблем не само кај нас туку во целиот поширок регион.

Бидејќи ме прашувате како професор и академик, кое е решението за овие состојби-со само еден збор, тое е базично воспитанието (од детството) и образованието (од предучилиште, основно, средно…па се до високо). Сето оваа надградено со ЗДРАВСТВО. Впрочем и најсинтетичкиот индикатор-индекс на Човекови ресурси го мери степенот на развој на едно општество/држава.

За крај, каква година очекувате на личен план, што си посакувате на себе и најблиските?

-Јас влегувам во 63-та годишна возраст, благодарејќи му на Господ но и надпросечното работење, исполнет сум од сите аспекти. Се разбира добро здравје и среќа за себе, потесното смејство, широкото семејство (вклучувајќи го и Институционалното семејство-ЈИЕУ), па се до целото општество, потоа продолжување со стандардните трендови на успесите во моите ангажмани, кои се повеќе димензионални. Членовите на потесното семејство (ќерка, син, внук,…) посакувам да се “помножат” и да останат поврзани со нас (мене и сопругата) но и со татковината, без разлика каде да се движат на нивните животни патеки. Посакувам да останат како што се, ,,свои,, по можност да ја надградат семејната репутација, за која многу вложував во моите животни патеки и никогаш да не ја нарушат. Едноставно со чист образ да напредуваат на сите патеки на нивниот живот.

При оваа прилика, на сите луѓе не само во државата туку и на целото човештво во глобала им посакувам подобра идна година, најпрво од здравствен аспект потоа и благосостојба-на сиромашните економска а на богатите духовна! Посакувам да ја зачуваме оваа прекрасна и сеуште единствената планета за живот!

К.В.С.

Слични содржини