Беџети за 30 години изоден економски пат на Македонија: „Научивме многу, но од нашите грешки и испуштени шанси“

од Vladimir Zorba

Пропуштени економски шанси, ненаучени лекции…Вака накусо академик Абдулменаф Беџети го оценува 30 годишниот изоден економски пат на Македонија.

Во долгата листа на грешки како најспорни ги посочува начинот на сопственичка трансформација на општествениот капитал, пребрзо започнатиот процес на деиндустријализација на економијата, „запустувањето“ на земјоделието, пропаста на образовните, културните, спортските и другите критериуми.

„Не го искористивме ниту Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ за да привлечеме странски инвеститори кога другите околу нас не беа воопшто конкурентни, а во 1991 од најдецентрализирана земја во Југоисточна Европа, станавме најцентрализирана во светот “, вели во интервју за „Локално“ професорот Беџети.

Во однос на дилемата зошто и по 30 години самостојност, дел од повозрасната полулација се уште чувствува „југоносталгија“, Беџети коментира: „Ако се изземе идеологијата (комунистичка на хартија), во други аспекти, поготово економски па ако сакате и општо општествени, се живееше подобро“.

Што научивме во економска смисла за зборот во првите 30 години независност? Колку економската историја ни овозможи добра позиција на пазарот ?

-По три декади, мислам дека од економски аспект многу научивме или пак, имавме што да учиме, но за жал од нашите испуштени шанси, да не речам грешки. Најпрво да започнеме од сопственичката трансформација на општествениот капитал создаден од целото општество кое јас го сметам за најголемата грешка. Не само што не се исплати реалната цена туку речиси никаква- во прва фаза преку интерни акции, наводно се распоредија до сите вработени за да потоа се превземат без никаков надоместок од страна на менаџерските структури.

Во економијата ако нешто не се плаќа не му се знае вредноста и потоа не знаете да го цените.

Второ, пребрзо започна процесот на деиндустријализација на економијата, преминувајќи претежно во трговија, преку либерален, неконтролиран и штетен увоз дури и преку т.н. систем на  „увоз за извоз“, без давачки, до препородажба со против правна даночна корист, злоупотребувајќи го системот.

Трето, се запусти земјоделието затоа што беше „поефтино“ да купуваш отколку да продаваш , а со тоа се измести системот на вредности.

Четврто, пропаднаа образовните, културните, спортските и други критериуми преку транзиција, со оправдување дека влегуваме во систем на пазарно стопанство.Без да градиме нови стандарди и критериуми ги напуштивме постојните и останавме речиси без никакви морални и етички стандарди во едно општество!

Зошто и по 30 години луѓето се уште чувствуваат југоносталгија тврдејќи дека тогаш многу подобро се живеело?

-Не знам колку и дали повеќето граѓани се чуствуваат југоносталгично но едно е јасно – ако се изземе идеологијата (комунистичка на хартија), во други аспекти, поготово економски па ако сакате и општо општествени, се живееше подобро. Јас лично немам никаква југоносталгија затоа што тој систем беше неправеден од аспект на колективните права и слободи, пред се националните , па да не споменувам дека беше дури и репресивен кон една третина од населението, но сега не е тоа темата.

Дали во овие 30 години имаше економски можности што ги пропуштивме и не знаевме да ги искористиме?

-Секако дека сме пропуштиле многу економски шанси. Замислете каде бевме пред 20 години, кога ние имавме Договор за асоцијација и стабилизација со ЕУ, многу други држави околу нас не можеле ниту да помислат а камоли да го достигнат тоа. Сме имале можности да привлечеме странски инвеститори многу повеќе затоа што тогаш другите околу нас не беа воопшто конкурентни.Не успеавме да го насочиме инвестиционо целиот тој потенцијал кој низ годините го добивавме од нашата дијаспора- речиси секоја година над 1,5 милијарди евра ( колку што приближно изнесувал и трговскиот дефицит).

Во 1991 год. кога се осамостоивме, прво што направивме преку ноќ е тоа што се централизиравме.Од најдецентрализирана земја во Југоисточна Европа, станавме најцентрализирана во светот.Ги обезвластивме општините.Во тоа време само поради Тетово, Гостивар и Дебар ( три од вкупно 33 општини) ги зедовме „на врат “останатите 30. Овие и многу други системски пропусти и етнички побуди и причини, не чинеа многу. Денес тоа може за многумина да биде несфатливо, а богами и глупо!

К.В.С.

 

Слични содржини