БЕГ треба да снабдува со парно додека не се најде нов вршител на дејноста, вели РКЕ

од Берта Китинска

Вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија, велат од РКЕ.

-Ве информираме дека Законот за енергетика , кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност), појаснуваат од РКЕ.

„Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) – Производство смета дека нема ниту правен основ да располага со топланите, ниту обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона. Тие, исто така, сметаат дека немаат доволно финансии да набават гориво за производство на топлинска енергија. Ова го соопшти денеска компанијата откако викендов вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека сè додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија до изборот на нов носител на лиценцата.

Тој, исто така, посочи и дека согласно законот, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија.

Но, од компанијата во соопштението кое е истакнато на веб-страницата, посочуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен.

Од БЕГ-Производство исто таа наведуваат дека во тој период компанијата продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.

Слични содржини