Бејрут: Повеќе од 100 мртви, во пристаништето имало тони опасен нитрат

од Vladimir Zorba

Спасувачките служби во Бејрут копаат низ урнатините денеска во потрага по преживеани по моќната експлозија што го потресе либанскиот главен град во вторникот вечерта, при што загинаа повеќе од 100 луѓе и беа повредени повеќе од 4.000, а официјалните лица очекуваат бројот на загинатите да продолжи да расте.

Експлозијата во пристаништата каде што се чувал високо експлозивен материјал беше најсилната што се случила во Бејрут, град веќе погоден од економската криза и растот на пандемијата на коронавирус.

Претседателот Мишел Аун рече дека 2.700 тони амониум нитрат, кој се користи во ѓубрива и бомби, биле чувани во пристаништето шест години без да бидат преземени безбедносни мерки, велејќи дека тоа е „неприфатливо“.

Тој свика итен вонреден состанок на Владата за среда.

„Ова е огромна катастрофа“

Официјалните лица не откриваат што го предизвикало пламенот што ја активирал експлозијата. Извор од безбедносните структури и локални медиуми велат дека сето тоа било предизвикано од заварување што се правело во еден дел од магацинот.

„Она на што ние сме сведоци е огромна катастрофа“, рече водачот на Либанскиот црвен крст, Џорџ Кетани, за ТВ Мајадин. „Има жртви и повредени секаде“, рече тој.

Неколку часови по експлозијата, што се случи кратко време по 6 часот по полноќ по локално време, пожарот сè уште гори во пристаништето, фрлајќи портокалов сјај во ноќното небо во текот на ноќта додека хеликоптерите летаа над градот и одекнуваа сирени од брза помош.

Експлозијата ги оживеа сеќавањата на граѓанската војна во 1975-1990 година, кога Либанците беа изложени на тешка артилерија, напади со автомобил-бомби и израелски воздушни напади. Влијанието на експлозијата беше толку силно што некои жители сметаа дека станува збор за земјотрес.

Ранети луѓе оделе по улиците

Ранети, збунети и со солзи, бројни жители на либанската престолнина излегоа по улиците во потрага по своите најблиски.

„Експлозијата ме фрли неколку метри. Бев запрепастен и покриен со крв. Тоа потсетуваше на слики од експлозијата за која бев сведок пред амбасадата на САД во 1983 година“, рече Худа Баруди, дизајнер од Бејрут.

Премиерот Хасан Диаб вети дека ќе се утврди одговорноста за смртоносната експлозија во „опасните магацини“, додавајќи дека одговорните ќе „платат за тоа“.

Американската амбасада во Бејрут ги предупреди жителите да известуваат за ослободување на токсични гасови по експлозијата, повикувајќи ги луѓето да останат во своите домови и да носат маски ако е можно.

Голем број исчезнати

„Многу луѓе недостасуваат. Луѓето ги повикуваат службите за итни случаи да се распрашуваат за своите најблиски, а потрагата е тешка, особено во текот на ноќта, бидејќи нема електрична енергија“, рече министерот за здравство Хамад Хасан.

Снимките на социјалните медиуми покажуваат голем чад што се издига над пристаништето, по моќната експлозија проследена со бел облак, а потоа и светкава топка која се шири низ небото. Оние што го снимаа настанот од високи згради, на 2 километри од пристаништето, самите беа фрлени од место од страна на силата на експлозијата.

Луѓето покриени со крв трчаа и бараа помош, пробивајќи се низ облаци од чад и прашина низ улиците покриени со делови од оштетени згради, мебел, уништени автомобили.

Слични содржини