Белата куќа ги предупредува извозниците на нафта да не го попречуваат економското закрепнување

од Vladimir Zorba

Белата куќа ги предупреди земјите производители на нафта да не го попречуваат моменталното глобално економско закрепнување.

Карин Жан-Пјер, заменик портпарол на Белата куќа, рече дека Вашингтон ќе ги искористи сите средства за да го обезбеди тоа.

Портпаролката истакна дека ОПЕК и неговите сојузници (ОПЕК плус) имаат способност да пласираат повеќе нафта на пазарот и да влијаат на цените на бензинот, додека САД работат според систем во кој нафтените компании донесуваат одлуки за снабдување.

Минатата недела, на маргините на самитот на Г-20 во Рим, американскиот претседател Џо Бајден изрази жалење што „Русија, Саудиска Арабија и другите големи производители нема да пумпаат повеќе нафта за луѓето да имаат бензин за да доаѓаат и да си одат од работа, што не е фер“, со што директно целеше кон алијансата ОПЕК плус.

Планови за умерен пораст на производството

Групацијата ОПЕК плус остана на своите планови за умерено зголемување на производството за 400.000 барели дневно до декември, и покрај повиците од САД да ги зголемат испораките за да го запрат растот на цените.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во соопштение по самитот на нејзините 13 членки и десет сојузници во рамките на алијансата ОПЕК Плус, објави дека месечното производство на алијансата „ќе се зголеми за 400.000 барели дневно до декември“.

Дваесет и тројца министри, кои одржаа онлајн видео-конференција, решија да се држат до планот усвоен на 18 јули.

Оваа стратегија, која е во интерес на земјите производители на нафта, во моментов остава повеќе од четири милиони барели нафта под земја секој ден.

ОПЕК на својата веб-страница објави дека новиот состанок на Алијансата ОПЕК плус ќе се одржи на 2 декември.

Белата куќа набргу потоа изрази незадоволство од одлуката на ОПЕК Плус во врска со производството.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД рече: „ОПЕК Плус се чини дека не сака да го искористи капацитетот и влијанието што го има во овој клучен момент за глобалното закрепнување на земјите ширум светот“.

Коронавирусот продолжува да претставува закана

Мохамед Баркиндо, генералниот секретар на ОПЕК, минатата недела истакна дека „неопходна е претпазливост и внимание на постојаниот развој на ситуацијата на пазарот“.

ОПЕК Плус моментално ги посочува факторите на ризик што ја придружуваат побарувачката за да го оправда понатамошното водење на својата претпазлива политика, привлекувајќи внимание на врвовите на новиот бран на пандемијата на коронавирусот што се забележани во Русија и Кина.

Рускиот вицепремиер Александар Новак по самитот истакна дека коронавирусот продолжува да биде закана и дека продолжува да влијае на побарувачката на нафта.

Сепак, многу пазарни аналитичари се скептични во врска со способноста на многу членови на организацијата да го зголемат производството, бидејќи пандемијата на коронавирусот предизвика одложувања во одржувањето на машините за дупчење.

Слични содржини