Белата куќа: Здравјето на Бајден е подобрено

од Nikola Popovski

Здравствената состојба на американскиот претседател Џо Бајден е подобрена откако тој беше позитивен на тестот за коронавирус во четвртокот, изјави неговиот личен лекар во писмото објавено од Белата куќа во петокот.

„Неговите симптоми се поблаги. Бајден се уште се чувствува уморен, му тече носот и повремено кашла“, напиша Кевин О’Конор, додавајќи дека 79-годишниот лидер во четвртокот вечерта имал малку покачена температура која изнесувала 37,4 степени.

Џо Бајден двапати беше вакциниран против коронавирусот и прими две бустер дози, додаде О’Конор, велејќи дека очекува претседателот „добро да реагира“ на вирусната инфекција.

„Претседателот добро го поднесува третманот“, рече тој, мислејќи на паксловид, лекот против Ковид-19 на Фајзер што му го препиша на Бајден.

Според О’Конор, на демократскиот претседател, кој работи во карантин во Белата куќа, му препишале и парацетамол, а за секој случај му била дадена пумпа со лек за проширување на бронхиите.

Слични содржини