Белчева: Наследивме град врз кој се изживувале политички и бизнис елити, без љубов, а со алчност за сопствените интереси и богатење

од Vladimir Zorba

Претседателката на Советот на општина Центар, Јана Белчева на својот Фејсбук профил вели дека одговорот на прашањето „Во каков град сакаме да живееме и има ли шанса за Скопје“ треба да ја покаже насоката и целите што сакаме да ги оствариме и да им ги понудиме како решение на граѓаните.

– Наследивме град врз кој се изживувале политички и бизнис елити, без љубов, а со алчност за сопствените интереси и богатење, вели Белчева.

Она за што се борев е да го вратиме достоинството на граѓаните, да го издигнеме јавниот интерес и правото на град на секој жител над интересите на поединци. Одлуките мора да се насочени кон таа цел, кон обезбедување побезбеден, похуман, поспокоен и поквалитетен живот во Центар.

Граѓанските иницијативи, особено ако зад нив стојат бројни самостојно граѓани, но и низа невладини организации кои се залагаат за правда, демократија, отвореност и отчетност на институциите се показател и за растењето на демократијата и за партиципативноста која граѓаните ја сакаат и бараат при управувањето на локално ниво. Тоа е показател на зреење на општеството во целост, а Центар го гледам како предвесник на такви зреења. Вредностите на ЕУ во однос на локалните политики се темелат на соработка со граѓаните, на нивната вклученост и активна соработка, на доверба која се гради со отвореност и споделени вредности. Локалната власт е онаа најблиску до граѓаните и првиот „шалтер„ каде треба да се обрати за своите проблеми.

Локалната власт е одговорна да ги штити јавните интересите за обезбедени комунални услуги, квалитетни социјални и образовни услуги, здрава животна средина и достапно зеленило, безбедна мобилност (особено за најранливите), достапен и квалитетен јавен простор за сите жители, културна понуда, инклузивен и масовен спорт, но и отпорност и безбедност од природни катастрофи и климатски промени. Урбаното планирање е токму област во која локалната власт мора да докаже дека простор ќе ги обезбеди овие јавни интереси, а нема да дозволи личната корист и дивото узурпирање да надвладее и остави неквалитетни последици за сите. На крајот, планирањето на просторот е техничка, но и политичка функција. Низ неа се гледа дали социјалдемократските или неолибералните вредности се споделени низ одлуките за просторот.

Конкурсот како инструмент за натпревар на креативни идеи е можност да се докаже дека општината навистина ги штити јавните интереси. Бараниот Конкурс за Треска е крик на граѓаните дека просторот во кој живеат не е по нивна мерка, дека им недостасува некој да ги чуе и разбере и да им го врати спокојот и убавината во секојдневието. Затоа важноста на прифаќање да се решава конкурс за Треска требаше да биде доказ дека локалната власт го слуша овој крик.

Жал ми е што административните бариери беа пречка за прифаќање на граѓанската иницијатива, иако бариерите се поставени токму од власта и таа треба да ги отстранува за да ја охрабри соработката со граѓаните. Но најмногу жалам што градоначалникот смета дека има дискреционо право да одлучува за Комисија, за финансирање и за дефинирање на барањата. Неговите предлози за тоа како и кој ќе ги дефинира влезните параметри по кој ќе се работи конкурсот, барањата кои мора да бидат задоволени во решението, но уште повеќе како и преку која програма ќе се финансира конкурсот отвораат простор за задоволување на интересни групи, а на штета на јавниот интерес и граѓаните.

Моето залагање и не е за конкурс како легално/технички параван за да се изигра интересот на граѓаните за сметка на политичко-бизнис интересни спреги, како што беше случај впрочем и со Скопје 2014, проект кој “победи” на конкурс. Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните.
Дел од Советниците се натпреваруваа во гласност и се истакнуваа да се произнесат колку е важен приватниот интерес и правото на сопствениците, можеби и додворувајќи се на некои од инвеститорите присутни на седницата, најпрво во задните, а потоа во првиот ред, веднаш до градоначалникот. Тоа ми отвори сомнеж во чесните намери да се пристапи кон решавање на овој простор во градот и повторно да влеземе во игри каде формалниот конкурс би можел да се искористи како параван, а не да биде суштинска промена во планирањето на градот во партнерство со граѓаните, стручните лица и локалната власт, водени од иста цел.

Ненаоѓајќи компромис и желба за дијалог преку кој ќе се зајакне начинот на заштита на јавниот наспрема приватниот интерес, ми беше аргумент да ја напуштам седницата. Самиот назив Конкурс, не значи и квалитет, па ни одлуката ЗА конкурс не значи решение по мерка на граѓаните. Ги повикувам граѓаните на будност и барање транспарентност во целокупниот процес на реализација понатаму.

Слични содржини