Белорусија: Тихановскаја предлага формирање на координативен совет за да се обезбеди трансфер на власта

од Vladimir Zorba

Кандидатот за претседател на Белорусија на опозицијата, Светлана Тихановскаја изјави дека нејзиниот изборен штаб е подготвен за дијалог со белоруската влада.

Таа побара помош од меѓународната заедница.

„Канцеларијата на мојот изборен штаб, канцеларијата на Светлана Тихановскаја, продолжува да работи. Би сакала да напоменам дека ние сме подготвени за дијалог со владата“, рече Тихановскаја во изјавата издадена од нејзиниот тим, пренесе ТАСС.

„Би сакала да се обратам до меѓународната заедница, европските земји, со барање да ни помогне да воспоставиме дијалог со белоруската влада“, рече Тихановскаја.

Таа најави дека предлага формирање на координативен совет со цел да се обезбеди трансфер на власта во земјата.

„Јас, Светлана Тихановскаја, иницирам создавање на Координативен совет за трансфер на власта. Членови на граѓанското општество, истакнати и познати Белоруси и вистински професионалци во нивните професии можат да се приклучат на овој совет“, се вели во соопштението.

Тихановскаја додаде дека ги овластила претставниците Олга Ковалкова и адвокатот Маким Знак да соберат барања за членство во советот од организации и здруженија на граѓани.

Белорусија ги одржа претседателските избори на 9 август, а сегашниот претседател Александар Лукашенко обезбеди нов мандат со 80,08 проценти од гласовите, додека неговиот главен ривал, Светлана Тихановскаја, доби 10,09 проценти од поддршката на гласачите.

По објавувањето на резултатите од изборите, во многу градови низ целата земја избувнаа масовни протести, во некои случаи ескалираа во судири со полицијата.

Протестите се одржуваат од недела.

Изборниот штаб на Тихановскаја ги отфрла резултатите од изборите и не ја признава победата на Лукашенко.

Таа ја напушти Белорусија доцна во понеделникот навечер и сега е во Литванија, според извештаите на медиумите.

Слични содржини