Белорусија воведува смртна казна за „обид за тероризам“

од Nikola Popovski

Белорусија воведе смртна казна во својот кривичен закон за „обид за извршување терористички чин“, објавија во средата руските агенции.

„Претседателот Александар Лукашенко потпиша закон со кој се предвидува смртна казна за обид за терористички акт“, пренесува РИА Новости.

Агенцијата потсетува дека смртната казна досега се применуваше само за лицата кои извршиле терористички напад, а цел на новиот закон се пред се опозиционерите, меѓу кои и лидерката на опозицијата Светлана Тихановска, која моментално е во егзил.

Белоруските пратеници на крајот на април усвоија во две читања предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој нуди можност за смртна казна во случај на обиди за терористички напади.

Прес-службата на Долниот дом на парламентот нагласи дека „нацрт-законот е подготвен со цел да се одвратат деструктивните елементи, како и да се прикаже решителната борба на државата против терористичките активности“.

Во Белорусија, за да стапи на сила законот, тој мора да биде одобрен од двата дома на парламентот и потпишан од претседателот.

Од масовните протести во 2020 година против авторитарното владеење на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, многу членови на опозицијата беа уапсени и обвинети за обид или заговор за терористички чин.

Белорусија е последната земја во Европа која употреби смртна казна со егзекуција.

Слични содржини