Бериша најави масовни протести во Албанија

од Milan1

Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Сали Бериша, кој за 11 декември свика седница на Националниот совет на партијата, на која очекува да се врати на лидерската функција, најави масовни протести се до „ враќање на слободата на глас”, пренесуваат албанските медиуми.

Во рамки на средбите кои ги организира низ целата земја тој имал онлајн средба со албански граѓани-приврзаници на партијата кои живеат во САД, на која ги најавил масовните протести.

Почнуваме масовни протести што имаат само една цел, да им ја вратиме на Албанците можноста да гласаат слободно како и сите граѓани на слободните земји. Ова ќе биде главна цел на протестите, рекол Бериша, кој е поранешен претседател и екс-премиер.

Бериша претходно собра повеќе од четири илјади потписи за свикување на Националиот совет, меѓу нив има повеќе пратеници, како и високи партиски функционери.

Во меѓувреме актуелниот демократски лидер Љуљзим Баша, седница на Националниот совет закажа за 18 декември, но не за избор на лидер, туку за измени во статутот и зајакнување на „единството во партијата”.

Недоразбирањата меѓу двајцата се појавија во септември кога Баша донесе одлука за исклучување на Бериша од пратеничката група, по барање на американската амбасадорка Јури Ким.

Бериша, во мај годинава, Стејт департменот, го прогласи за „персона нон грата” заедно со семејството, поради вмешаност во корупција. Отфрлајќи го тоа и тврдејќи дека немаат никакви докази, тој против американскиот државен секретар Ентони Блинкен, поднесе тужба во суд во Париз.

Слични содржини