Берлин: Граѓаните гласаа за одземање на повеќе од 200.000 станови на компаниите

од Vladimir Zorba

Гласачите во Берлин го поддржаа необврзувачкиот референдум за присилно откупување на станови во сопственост на големите компании за недвижности во германската престолнина, во услови на бес во јавноста поради зголемените цени на киријата.

Предлогот доби 56 проценти од поддршката на гласачите и може да означи трансфер на околу 226.000 станови во јавни раце, доколку биде усвоен. Ова ги вклучува становите што припаѓаат на Deutsche Wohnen, која поседува повеќе од 100.000 единици во градот, како и Vonovia.

Референдумот за градот ја одразува фрустрацијата поради нееднаквоста во домувањето, која е забележана низ целиот свет и која докажува зголемена главоболка за државните и градските власти, пишува „Блумберг“.

Во Берлин, повеќе од 84 проценти од населението живеат како потстанари, нагласувајќи ја поделбата помеѓу луѓето кои се чувствуваат истиснати од се поскапиот пазар за изнајмување и оние кои сакаат да го одржат градот како центар што привлекува компании, капитал и инвестиции во домување. Не е јасно дали следната локална власт ќе го исполни овој план, што може да доведе до долги правни битки и милијарди евра трошоци.

Предлогот се однесува на компании за недвижности кои поседуваат повеќе од 3.000 одделни станови за изнајмување. Deutsche Wohnen изјави дека не очекува експропријација на становите и дека таквиот потег ќе биде неуставен.

Гласањето се совпадна со изборите за градската власт во Берлин, на кои социјалдемократите освоија повеќе гласови од Зелените – што значи дека ќе добијат можност да го назначат следниот градоначалник. Кандидатката на партијата, Франциска Гифеј, рече дека иако исходот од референдумот мора да се почитува, експропријацијата нема да создаде нови станови или да го реши поширокото станбено прашање.

Сепак, портпаролот на иницијаторот на референдумот, Розебах Тахери, рече дека неговата група ќе продолжи да врши притисок врз политичарите за реално спроведување на мерката. „Овој резултат даде ново значење на прашањата за изнајмување и домување во Берлин“, рече Тахери за новинарите,
„Ниту една политичка партија нема да може да го игнорира тоа“, додаде тој.

Сепак, владата е далеку од дејствување. Претходниот референдум, кој се обидуваше да го држи отворен популарниот, но релативно мал аеродром Tegel, исто така, не го промени конечниот исход. Додека Берлинците гласаа за, аеродромот оттогаш е затворен, потсетува „Блумберг“.

Од падот на Берлинскиот ѕид пред повеќе од 30 години, некогаш поделениот главен град стана просперитетна метропола која привлекува компании што нудат високо платени работни места. Изнајмувањата се зголемија со текот на годините, а Берлин проценува дека на градот му требаат 20.000 нови станови годишно за да го прими се поголемиот број жители.

Но, трошоците за национализација на огромни количини на станови се исто така проблем. Противниците велат дека трошоците за тоа потенцијално би биле помеѓу 29 и 39 милијарди евра и дека толку многу пари треба да бидат ставени на располагање за други проекти порано.

Од Vonovia велат дека иако референдумот е знак дека мора да се промени состојбата со домувањето, експропријацијата само ќе ги влоши работите.
„Нема да се создаде нов стан на пазарот, а инвестициите во модернизација ќе престанат“, вели големиот сопственик.

Vonovia и Deutsche Wohnen претходно овој месец се согласија да продадат 14.750 станови на Берлин, како дел од нивните напори за спојување.

Слични содржини