Берлин со предупредување до Софија: Не ја блокирајте Северна Македонија!

од Vladimir Zorba

Не треба да се додаваат нови услови за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, рече денеска во Брисел германскиот министер за европски прашања Михаел Рот, коментирајќи ги најавите дека Бугарија може да го блокира Скопје.

„Не треба да додаваме нови критериуми и услови, покрај оние за кои веќе сме се договориле. Ги повикувам сите да покажат конструктивен дух“, рече Рот на прес-конференцијата по состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ, пренесува Хина.

Рот додаде дека разговарал со бугарските партнери „затоа што мора да работиме врз основа на она што го договоривме заедно“.

Минатата недела протече бугарски документ, според кој Софија може да го блокира почетокот на преговорите со Северна Македонија, доколку продолжат да инсистираат на посебен македонски идентитет и јазик во Скопје.

„Западен Балкан не е наш двор, туку наш внатрешен двор. Во интерес на сите земји-членки, особено на оние што се граничат со Западен Балкан, е тие земји да имаат европска перспектива и да станат место на мир, стабилност и помирување “, посочи Рот.

Договор за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија беше постигнат за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ. Германското претседателство сега работи на организирање на првата конференција за пристапување за двете земји во декември.

Ова бара согласност од сите земји-членки.

Слични содржини