Берлин: Уапсен возачот кој удри во оградата на Меркел

од Vladimir Zorba

Берлинската полиција уапси возач на автомобил што утрово влета во портата на седиштето на германската канцеларка Ангела Меркел.

Возач од средна возраст бил изнесен од автомобилот, а полицијата објавила дека е приведен.

„Истражуваме дали возачот намерно ја удрил оградата. Тој беше уапсен“, објави полицијата на Твитер.

Германскиот весник „Билд“ објави дека е можно да станува збор за политички мотивиран напад, бидејќи истиот овој возач веќе ја удрил истата ограда пред шест години.

Медиумите објавија фотографии на кои се гледа како полициски службеници во Берлин прегледуваат автомобил со натпис „Стоп за политиката на глобализација“ од десната страна. На другата страна од автомобилот наводно пишувало „Проклети убијци на деца и стари лица“.

Ниту оградата, ниту автомобилот не беа многу оштетени.

Не е познато дали има повредени, ниту дали канцеларката Меркел била во зградата за време на инцидентот. Десетици полицајци и противпожарно возило беа на лице место.

Слични содржини