Берлускони ќе се обиде да биде „плејмејкер“ во владата

од Nikola Popovski

Поранешниот премиер на Италија, Силвио Берлускони, би можел повторно да се врати во парламентот по убедливата победа на десничарската коалиција предводена од новинарката Џорџија Мелони, наведува Ројтерс.

– Ќе се обидам да бидам плејмејкер во (идната) влада – им порача Берлускони на приврзаниците по гласањето на вчерашните избори, алудирајќи на неговата желба да остане на политичката сцена и покрај возраста и лошата здравствена состојба.

Берлускони, кој во четврток наполни 86 години, освои повеќе од 50 отсто од гласовите во трката за Сенатот во областа Монца, каде што поседува вила и локалниот фудбалски клуб, кој неодамна беше промовиран во највисоката дивизија на Серија А.

Искусниот италијански политичар, кој беше премиер во четири италијански влади, имаше голема операција на срцето во 2016 година, претрпе тешка форма на Ковид-19 во 2020 година, а минатата година беше хоспитализиран поради повеќе поврзани болести, потсетува Ројтерс.

Во парламентот ќе му се придружи и неговата девојка Марта Фаскина (32) која освои гласови на Сицилија.

Фаскина треба да заземе место во Долниот дом на пратениците, додека Берлускони беше избран во Горниот дом, Сенатот.

Берлускони ќе мора да се откаже од своето место во Европскиот парламент, кое го освои во 2019 година, бидејќи не е дозволено да извршува функција истовремено и во италијанскиот и во парламентот на ЕУ.

Некои италијански медиуми шпекулираа дека тој би можел да ја бара функцијата претседател на Сенатот и покрај неговите здравствени проблеми.

Според преброените гласови од повеќе од 90 отсто од избирачките места на изборите што се одржаа вчера во Италија, партијата на Браќата на Италија Џорѓе Мелони води со повеќе од 26 отсто од освоените гласови, наспроти само четири отсто во претходните избори во 2018 година, пренесува британската агенција.

Слични содржини