Бесими: Автопатите на коридорите 8 и 10-д со економски ефект годишно над 2 процента од номиналниот БДП

од Vladimir Zorba

Директниот ефект од изградбата на Коридорите VIII и X-d врз номиналниот бруто домашен производ на државата се проценува на дополнителни 2% годишно, за време на реализацијата на проектот. Инвестициите по основ на овие проекти на годишна основа, во периодот од 2023 до 2027 година, се движат од 240 до 320 милиони евра годишно, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

„И домашните фирми и граѓаните ќе имаат финансиски придобивки од изградбата на автопатите на Коридорите VIII и X-d. Околу 50% од градежните работи на овие патишта ќе бидат реализирани од страна на домашните претпријатија, кои би заработиле околу 700 милиони евра по овој основ. Дополнителен ефект врз стопанството ќе има и растот на побарувачката кај одредени индустрии кои ќе бидат поддршка на изградбата, како производство на градежни материјали, земјоделство, храна и прехранбени продукти, транспорт и складирање и други услужни дејности.

Придобивки ќе има и за населението. Една од најважните придобивки се новите работни места. Ангажирањето на домашни подизведувачи и домашна работна сила ќе влијае позитивно врз пазарот на труд во државата и намалување на стапката на невработеност. Проценките покажуваат дека за изградба на автопатите директно ќе бидат ангажирани околу 3.000 работници од градежната индустрија, како и над 5.000 работници индиректно од останатите индустрии. Тоа се вкупно околу 8.000 работни места вкупен ефект од четирите нови автопати на Коридорите VIII и X-d.

Исто така, населението ќе има финансиски придобивки од експропријацијата на земјиштето, за што се предвидуваат околу 210 милиони евра. Овие средства ќе им бидат исплатени на граѓаните чие земјиште ќе биде предмет на експропријација, а воедно ќе придонесат кон зголемување на потрошувачката моќ на овие граѓани.

Земајќи ги во предвид економските и финансиските придобивки за стопанството и населението, инвестицискиот мултипликатор и севкупниот ефект на овој проект врз растот на бруто домашниот производ, се проценува повеќе од 2% од номиналниот БДП годишно.

Изградбата на четирите нови автопати носи дополнително економски придобивки кои не можат да се квантифицираат. Со изградбата на делниците ќе се подобри транспортот, што ќе резултира со намалување на трошоците за транспорт и оперативните трошоци за возилата. Безбеденоста на транспортот, исто така, ќе биде подобрена. Сето ова ќе придонесе за полесно патување и отворање на нови бизниси во регионот, со што ќе се зголемат и регионалните можности за нови вработувања. Побрзото поврзување ќе има придобивка во делот на регионално планирање на просторот и ќе ја зголеми вредноста на земјиштето. Изградбата на автопатите ќе има и позитивно влијание врз развојот на туризмот, на регионот и на зголемена трговска размена“, вели министерот.

Слични содржини