Бесими – Ескобар: Зајакнување на економската соработка помеѓу С.Македонија и САД

од Vladimir Zorba

Mожноста за продлабочување на економската соработка помеѓу С. Македонија и Соединетите Американски Држави и енергетската криза беа дел од темите на кои се дискутираше на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, одржана во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.

Ескобар ја потврдил неизмерната политичка поддршка од страна на САД за земјата, како и силната агенда за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и земјава.

„Заложбите на САД целиот регион да се интегрира во ЕУ се видливи и недвосмислени. Економската интеграција на целиот регион е значајна и за ЕУ и за Западен Балкан, и иницијативата Отворен Балкан има значаен потенцијал да даде резултати во регионалната соработка“, истакнал Ескобар.

Покрај политичката поддршка што во континуитет доаѓа од страна на САД, се иницирала и економска и бизнис соработка помеѓу двете земји. Двете страни се согласиле дека постои огромен потенцијал за американски инвестиции во С. Македонија, особено што од 2020 година нашата земја е сојузник со САД во НАТО.

На заедничка согласност и задоволство, иницијативата за бизнис соработка и реализација на инвестиции ќе претставува идна активност преточена во план и агенда во билатералната соработка на САД и РС Македонија.

Воедно, на средбата е упатена благодарност до нашата земја која како НАТО сојузник се приклучи кон повикот за запирање на воените дејствија во Украина, што овозможува зајакнување на идната соработка со САД.

Слични содржини