Бесими: Евроинтеграциските процеси ќе бидат ветер во грб за реализација на структурните реформи, како и забрзување на економскиот раст

од Vladimir Zorba

Проекциите на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, доколку се исклучат Русија и Украина, како и Турција каде се случи катастрофален земјотрес, се дека растот ќе забави на 1,8%. Забавувањето на растот се должи на очекувањата за помала приватна потрошувачка и инвестиции, како резултат на дополнително затегнување на глобалните финансиски услови, помала надворешна побарувачка, како и на поупорната инфлација, пишува во својата редовна колумна Фатмир Бесими.

„Намалената надворешна побарувачка ќе влијае на извозот, бидејќи активноста во еврозоната продолжува да успорува, додека ефектите од реотварањето на кинеската економија се скромни. Очекувањата за раст на приватните инвестиции и странските директни инвестиции во земјите во развој не се преоптимистички. Од друга страна јавните инвестиции ќе бидат ограничени од потребата за фискална консолидација. Фискалната консолидација ќе биде приоритет за да се поврати фискалниот простор за повеќе земји во регионот, по значајната фискална поддршка која беше дадена од владите за надминување на енергетската и ценовната криза. Потрошувачката досега беше еден од двигателите на растот во регионот, но со оглед дека инфлацијата останува висока, а тука е и потребата за фискална консолидација, тешко дека таа ќе остане силна на краток рок.

И за регионот на Западен Балкан се проектира забавување на економската активност како резултат на прелевањето на ефектите од руската инвазија на Украина, пониската приватна потрошувачка, затегнатите глобални финансиски услови и намалената побарувачка од земјите од Европската Унија. Светската банка очекува растот да забави на 2,5% во 2023 година, од 3% раст во 2022 година. Растот ќе забрза умерено на 3,4% во периодот 2024-25 година. Сепак, изгледите за овие проекции се надолни имајќи го предвид ефектот на инфлацијата врз реалните приходи и однесувањето на потрошувачите, како и забавувањето на економската активност во еврозоната која е најголемиот трговски партнер на Западен Балкан. Ризик е и понатамошното затегнување на глобалните финансиски услови кои ќе го отежнат пристапот до финансии.

Послабиот раст во еврозоната ќе ги намали и паричните дознаки од странство, што повторно ќе има влијание врз приватната потрошувачката кај земјите каде дознаките се традиционално високи. Со постпандемиското враќање на туристите во економиите кои традиционално зависат од туризмот, услужниот сектор зајакнува и во регионот на Западен Балкан“, пишува Бесими.

„Кога станува збор за нашата земја, по брзото и успешно закрепнување од пандемијата, енергетската криза и војната во Украина влијаеја на забавување на економскиот раст. Енергичниот одговор на Владата преку субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и дел од малите и средни компании, како и растот на минималната плата, амортизираа дел од овие глобални негативни ефекти. Во извештаите на Светската банка и на ММФ, се поздравува соодветниот одговор на инфлацијата преку спроведување на фискалната консолидација, како и преку затегнувањето на монетарната политика за да се закотват инфлациските очекувања. Соодветните политики беа основа и за подобрување на кредитниот рејтинг на земјава, односно на изгледите (од негативен во стабилен изглед), за првпат во изминатите четири години (според Агенцијата ФИЧ кредитниот рејтинг се оцени на ББ+ со стабилен изглед).

Како резултат на глобалните фактори, поврзани со инфлацијата и борбата со инфлацијата, Светската банка, исто како и владините проекции, очекува извесно забавување на растот во 2023 година во однос на 2022 година (раст 2,4%). Растот понатаму ќе забрзува со реализација на планираните крупни капитални инвестиции на државата, како и приливот на странски директни инвестиции, додека инфлацијата се очекува да опаѓа оваа и следната година. Сепак, натамошните случувања за нашата мала и отворена економија ќе бидат и понатаму тесно поврзани со нашите главни трговски партнери – Европската Унија. Светската банка согледува дека евроинтеграциските процеси ќе бидат ветер во грб за реализација на структурните реформи, како и забрзување на економскиот раст. Во оваа насока се спомнуваат и даночните реформи, насочени кон зголемување на даночната основа, зголемување на енергетската одржливост, активности за понатамошното поедноставување на регулативата за водење бизнис, зголемување на конкурентноста, зголемување на вклученоста на пазарот на труд, зајакнувањето на независноста на јавните институции и зелената транзиција.

Во насока на забрзување на економскиот раст во земјава е и Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, кој го користи мултипликативниот ефект за мобилизација на приватниот капитал, покрај јавните инвестиции. Преку нови инструменти и форми за финансирање, планирано е од година во година да се зголемуваат инвестициите, како јавните, така и приватните, што ќе креира додадена вредност во економијата и ќе влијае на забрзување на економскиот раст на посакуваните стапки од околу 5%“, пишува Бесими.

Слични содржини