Бесими: Еврообврзницата од 2023-та ќе се искористи за рефинансирање на издадената во 2016 година

од Vladimir Zorba

Рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година преку оптимална комбинација на два инструмента – новоиздадената еврообврзница и инструментот за макрофинансиска поддршка кој ни го додели Европската комисија, го враќа стариот долг по пониски трошоци. Имено, иако позајмената сума на еврообврзницата од 2016 година е пониска, вклучително и каматната стапка за околу еден процентен поен, поради подолгата рочност трошокот за истата е повисок, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

Тој се осврна и на аукцијата на деветтата еврообврзница.

„Интересот на над 100 инвеститори беше дури четири пати повисок во однос на понудената сума. Ова е одличен показател за довербата на инвеститорите во нашата економија и политиките кои се водат во земјава. За сумата од 600 милиони евра, која беше планирана да се повлече, во конкретниов случај преку комбинација на еврообврзницата од 500 милиони евра, со инструментот за макрофинансиска поддршка од 100 милиони евра, добиени се еднакви услови како на претходната аукција на деветтата еврообврзница, која беше на поголема сума – 600 милиони евра, односно годишниот каматен трошок останува на исто ниво од околу 37,5 милиони евра“, сподели тој.

Бесими е дециден дека тука повторно доаѓаме до златното правило во финансиите, а тоа е дека каматата, односно трошокот кој го плаќаме за позајмениот капитал, треба да биде помал од бенефитот што ќе го продуцира. Економскиот бенефит е растот на бруто-домашниот производ, корегиран за годишната инфлација (бидејќи инфлацијата ја намалува вредноста на капиталот).

„Економистите можат лесно да ја пресметаат реалната каматна стапка на еврообврзниците, односно доколку од купонската камата се одземе инфлацијата. Така ако анализираме за сите девет еврообврзници во годините на издавање, реалната камата на еврообврзницата издадена во 2005 година е 4,1%, во 2009 е 10,76%, во 2014 е 4,29%, во 2015 е 5,19%, во 2016 е 5,84%, во 2018 е 1,23%, во 2020 е 2,45%, во 2021 е веќе негативна, односно -1,53%, а согласно проекциите за 2023 година, и последната, деветта еврообврзница, издадена во март 2023 година има реална негативна каматна стапка од -0,14%. Ова значи дека за последните две еврообврзници трошокот е помал од добиениот резултат, од реалниот економскот раст, односно истите имаат економска оправданост. Ако се споредат со стапката на реален раст на БДП, еврообврзниците издадени во 2021 и 2023 година имаат пониска реална камaтна стапка за 5,4 и 3,1 процентeн поен. Исто така, анализирано кумулативно за целиот период на доспевање на овие еврообврзници соодносот е во полза на економскиот раст според макроекономските проекции. Тоа значи дека повисокиот реален економски раст во однос на реалната каматна стапка на задолжување овозможува одржлив развој и намалување на јавниот долг“, пишува Несими.

Слични содржини