Бесими: Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните мора да продолжи до целосно заздравување на економијата и враќање на патот на економски раст

од Vladimir Zorba

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска истакна дека и Владата, и експертската јавност, и меѓународните финансиски институции се согласи дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните, мора да продолжи до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Во насока на зголемувањето на капиталните инвестиции во буџетот, тој посочи дека е извршено редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи.

„Порастот од 26,9% на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, а кои се однесуваат на кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи и др, кредитна гарантна шема преку Развојната банка во периодот април-октомври 2021 година и формирање на Фонд за поддршка на истражување и развој преку Развојната банка. Кај буџетските корисници планирано е обезбедување на дополнителни средства за капитални инвестиции за реконструкција на јавните здравствени установи, во областа на детската заштита, реконструкција и опремување на старски домови и опремување на центри за лица со попреченост, во областа на патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови, како и зголемен износ на средства за рурален развој”, рече Бесими.

Бесими посочи и дека новини во Буџетот се нова потпрограма за зелен развој, нови инструменти, како развојна обврзница и зелена обврзница во кои ќе можат да инвестираат граѓаните и кои ќе бидат наменети исклучително за инвестиции и зелен (одржлив) развој, како и Планот за финансирање на забрзан раст кој ќе овозможи нови инвестиции и нови работни места, а наскоро ќе биде презентиран.

На прес-конференцијата беше соопштено дека Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, околу 8 милијарди евра ќе се реализира и претставува дополнителен стимул за економски развој преку реализација на конкретни проекти. Најголемите инвестиции се планирани во енергетиката, гасификација, туризам, здравство, преработувачката индустрија, производството.

Владините приоритети до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Ова подразбира дека поддршката ќе се реализира преку креирање развојни фондови и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија.

Слични содржини