Бесими и Техада потпишаа усогласување на Спогодбата одбегнување на двојно оданочување со Швајцарија со ОЕЦД конвенцијата

од Vladimir Zorba

Министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорката на Швајцарија во земјава Сибил Зутер Техада го потпишаа Протоколот за усогласување на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Швајцарија за одбегнување на двојното оданочување, согласно новата даночна конвенција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и БЕПС стандардите. Со Протоколот ќе се зајакнат постојните одредби за одбегнување на двојното оданочување за данокот на доход и данокот на капитал помеѓу двете земји, ќе се постигне поголема даночна транспарентност и фер даночен третман.

-Со зајакнување на одредбите за одбегнување на двојно оданочување ќе се овозможи подобро следење на даночната основа и фер распределба на профитот меѓу двете земји. Поставување на јасни правила за одбегнување на двојно оданочување како и спречување на доделување на договорни поволности во несоодветни околностие од исклучително значење за билатералната економска соработка, како и за градењето на фер даночен систем – вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Швајцарија ја поздравува оваа ревизија на нашата Спогодба за двојно оданочување којашто е во согласност со последните меѓународни стандарди и ќе ги зајакне економските односи меѓу нашите две земји. Швајцарија е посветена на спроведувањето на последните меѓународни стандарди во својата мрежа на договори за двојно оданочување – вели амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија Сибил Зутер Техада.

Протоколот предвидува усогласувања во насока размената на информации помеѓу надлежните даночни органи на двете земји да биде согласно меѓународните стандарди предвидени со конвенцијата на ОЕЦД и БЕПС стандардите, како и усогласувања кои ќе олеснат спроведување на процесите уредени со спогодбата во пракса. Исто така, тој е во насока на имплементирање на БЕПС стандардите.

Во август 2018 година Република Северна Македонија стана 117-та земја членка на БЕПС Инклузивната рамка, во која рамноправно со останатите земји учествуваме во преземање мерки за спречување одбегнување на плаќање на данок, односно мерки за зачувување на сопствената даночна основа. БЕПС пакетот е составен од 15 мерки во рамки на кои се утврдени активности кои ќе им помогнат на земјите во справувањето со можностите за одбегнување на плаќањето на данок. Република Северна Македонија активно учествува во имплементирањето на овој пакет на мерки.

Низ годините Република Северна Македонија има потпишано билатерални договори за избегнување на двојно оданочување со 49 земји и голем дел од нив се по застарени стандарди. Со усогласување на договорите со новата Конвенција на ОЕЦД се дава дополнителна заштита против двојното неоданочување.

Слични содржини