Бесими на Делфи форумот во Грција: Владата досега реализираше мерки во вредност од 615 милиони евра

од Nikola Popovski

„Околу 615 милиони евра се издвоени досега за амортизирање на ценовните шокови. Владата минатата година презеде мерки за амортизирање на порастот на цените, а годинава дополнително беше донесен сет од 26 мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и фирмите, но и за финансиска поддршка на фирмите преку Развојна банка. Кризата може да се искористи како можност за обединување и понатамошно проширување на Европската Унија и НАТО. Стратешкото позиционирање на малите и отворени економии е клучно во време на зголемена поларизација“, порача Бесими во своето обраќање на Делфи форумот, што се одржува во Грција, а на кој присуствуваа високи претставници од 36 земји.

Во однос на последиците од руско-украинската војна, Бесими посочува дека РС Македонија иако има мала економска соработка со Русија и Украина, сепак ги чуствува ефектите од војната кои во нашата економија се рефлектираат индиректно и тоа преку глобалниот пораст на цените на енергенсите и основните прехранбени производи, како и преку забавените економски активности и инфлациските притисоци во Европа како наш најголем трговски партнер. Дополнително Русија и Украина претставуваат еден од најголемите извозници на метал во нашата земја, што се очекува да се рефлектира врз нашата метална и градежна индустрија.

„Во услови на пораст на цените, во јули минатата година ја намаливме стапката на ДДВ за прометот на електричната енергија за домаќинствата од 18 на 5%, заклучно со јуни годинава. Истата мерка сега со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните ја продолжуваме до крајот на годината“, потенцира Бесими.

Војната во Украина, исто така, подвлече Бесими, го привлече вниманието на политиката на потребата за зајакнување на домашното производство на храна и енергија.

“Намалената зависност од увоз на енергија и храна и диверзификацијата на увозот треба да ја зајакне отпорноста на нашите економии на идни кризи”, рече Бесими и додаде дека и покрај климатските промени, имаме релативно поволни временски услови за зголемување на домашното производство на храна повикувајќи ги земјоделските и прехранбените компании од Грција и регионот да инвестираат во проекти во нашата држава.

Министерот Бесими, напомена, дека на ниво на држави треба да дизајнираме планови за вонредни ситуации во случај на дополнително намалување или во најлошо сценарио целосно запирање на испораките на руски гас во ЕУ.

„Доколку постои иницијатива подготвени сме да учествуваме во потенцијална заедничка акција на ниво на ЕУ за заедничка набавка на природен гас. Властите дополнително треба да изградат фискални бафери и да создадат фискален простор за справување со потенцијални идни интервенции“, вели Бесими.

Притоа, како што посочи, треба да се стремиме да го диверзифицираме увозот на енергија и да ја намалиме зависноста од енергија.

„Инвестициите во инфраструктурата за производство на енергија ќе бидат висок приоритет во наредниот период. Владата, исто така, е насочена кон забрзување на зелената и дигиталната трансформација, со посебен акцент на енергетската ефикасност. И јавниот и приватниот сектор треба да поддржат проекти за зголемување на енергетската ефикасност, истовремено подигајќи ја јавната свест за важноста на заштедата на енергија“, истакна Бесими на Делфи форумот што од 6 до 9 април се одржува во Грција.

Слични содржини