Бесими: Намалување на платите не стои во Планот за штедење

од Nikola Popovski

Министерот за финансии Фатмир Бесими категорично негира дека ќе има намалување на платите во јавниот сектор.

-Во ниту еден момент, ниту премиерот, ниту некој друг кажал дека ќе се намалат платите, а тоа не стои ниту во Планот за штедење, но има одредени сектори и колективни договори чии решенија ќе мора да се ревидираат, рече Бесими во емисијата „24 анализа“.

Според него, во 2023 година, поради кризата, може да забават или да запрат вработувањата во јавниот сектор. На институциите им се препорачува со мобилност (префрлување) да ги пополнуваат празните места.

На прашањето дали ќе има намалување на платите во однос на мерката 30 отсто од администрацијата повторно да работи од дома за да се заштеди, министерот рече дека тоа ќе зависи од оценката на секоја институција поединечно.

Уште минатата недела премиерот Димитар Ковачевски истакна дека не станува збор за кратење на платите на работниците, туку е план кој содржи низа на мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите.

-Планот е документ кој содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите, изјави Ковачевски на новинарско прашање.

Тој исто така и појасни дека 300 милиони евра се скратени и се наменети за оние на кои најмногу им се потребни.

Слични содржини