Бесими: Нов план на ЕУ за поддршка на Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Нови можности за „да ја донесеме ЕУ дома“, се отворија минатата недела со објавата на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен на новиот план за доближување на земјите од Западен Балкан до Европската Унија и нивна економска поддршка. Планот може да се сфати како подадена рака кон земјите од регионот, чиј процес на пристапување низ годините беше проследен со голем број предизвици. Како што посочи и самата Фон дер Лајен на GLOBSEC форумот во Братислава – „новиот пристап на ЕУ е не само да бара од партнерите да направат чекор кон ЕУ, туку и ЕУ да направи голем исчекор кон нив, а заедничка цел е да се забрза процесот“, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

Ако се суди според најавата, планот е да се почувствуваме како дел од Унијата преку повеќе поволности за земјите од Западен Балкан и нивните економии. Ова е мошне охрабрувачка порака, особено во еден специфичен период, кога на европско тло се води војна, ЕУ-оптимизмот во регионот варира, а на национално ниво сме пред политичко премрежие. Истовремено, сите сме исцрпени од неколкуте напоредни глобални економски кризи коишто се случија во изминатите три години. Позитивниот моментум треба да се искористи, како од аспект на процесот на пристапување кон Унијата, така и од аспект на „носењето на ЕУ дома“, реформите и можноста за ползување на придобивките од членството дури и пред да станеме членки.

Согласно најавата на претседателката на ЕК, новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и нивно приближување до Европската Унија се базира на четири столба: 1) Приближување до единствениот пазар на ЕУ, 2) Регионална економска интеграција, 3) Забрзување на фундаменталните реформи и 4) Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови.

Најавениот пакет има навистина широк опфат и економските придобивки од истиот се многукратни. Земјите од Западен Балкан ќе имаат можност многу порано да ги почуствуваат бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата – заедничкиот пазар. Најверојатно, најавениот пристап ќе се однесува на еден негов поголем сегмент, односно дигиталниот единствен пазар, кој се однесува на размена на стоки и услуги преку дигитални канали. Тој вклучува области како е-трговија, кибер-безбедност и олеснување на платежните услуги и трговија со стоки.

Заедничкиот регионален пазар може да помогне во забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ, но исто така, регионалната економска интеграција е суштинска за отклучување на огромниот економски потенцијал во регионот и го прави истиот поатрактивен за странските инвеститори. Ист е случајот и со претпристапните реформи, бидејќи владеењето на правото и ефикасното и кредибилно правосудство се позитивен сигнал за странските инвеститори, додека зелената транзиција и обезбедувањето на енергетска одржливост се клучни за стабилност и одржлив раст. Ургентно е потребен раст на инвестициите во регионот, кој ќе го подигне стандардот на живеење и ќе помогне во приближувањето до ЕУ. Како што беше споменато, планирано е зголемување на претпристапните фондови за земјите од Западен Балкан, кои ќе ја стимулираат економската активност и ќе креираат дополнителен фискален простор, пишува Бесими.

Слични содржини