Бесими: Од економски аспект, придобивките од членството во ЕУ се неспорни

од Vladimir Zorba

Ако се земат искуствата од другите земји од евроинтеграциите, тие упатуваат на зголемување на економската активност, подобрување на конкурентноста и на надворешно-трговската размена, зголемувањето на странските инвестиции и отворањето на нови работни места. Кај Чешка, на пример, економскиот раст забрза од 2,7% на 6,1% по пристапувањето во Унијата. Интеграцијата има позитивно влијание и врз развојот на инфраструктурата, а позитивно влијае и врз другите сектори како информатичката и телекомуникациската индустрија, туризмот, земјоделието и образованието, пишува во својата редовна колумна Фатмир Бесими, министер за финансии.

„Општи придобивки од ЕУ се стабилноста, демократијата, безбедноста и просперитетот, стимулот и поддршката за раст на БДП, повеќе работни места, повисоки плати и пензии, растечки внатрешен пазар и домашна побарувачка, слободно движење на работната сила, стоки, услуги и капитал, пристап до пазар од 450 милиони потрошувачи. Во однос на макроекономските влијанија, се растечкиот прилив на странски директни инвестиции поради зголемена деловна доверба, намалени ризици, поголема мобилност на работната сила, ефикасен транспорт, посилна конкуренција и поттик за иновации, систем на државни субвенции усогласен со регулативите на ЕУ, полесен пристап до финансиски институции и фондови дополнително зголемување на БДП и раст на индустриското производство поради повисока динамика на извозот.

Придобивки има и за компаниите. Тука се зголемениот пристап до ЕУ фондовитеи поддршка за малите и средни претпријатија. Нема царински или квантитативни ограничувања и поедноставена е административна процедура во тргувањето со други земји-членки на ЕУ. Во однос на намалување на трговските бариери вреди да се спомнат и заемната сертификација на стоки, единствен стандарден процес на сертификација за целиот регион и спроведување на политиката за конкуренција и правата на интелектуална сопственост.

Накусо, од економски аспект придобивките се неспорни. Република Северна Македонија по долг период на стапки на економски раст во просек околу 2,5%, а потоа и економските шокови од пандемијата, енергетската и ценовната криза, јасно укажуваат дека на нашата економија и е потребен бустер, катализатор, кој ќе го забрза растот. Имаме силна и издржана стратегија со Планот за забрзување на растот и имаме можности кои треба да ги искористиме. На крајот, комплетната слика секогаш е важна за носење на вистински одлуки“, пишува, меѓу другото, Бесими.

Слични содржини