Бесими: Потребно е реструктуирање на буџетот, секаде каде што може – ќе се скрати

од Vladimir Zorba

Нашата економија, како мала и отворена (со 140% од БДП отвореност), е подложна на глобалните економски случувања, особено на случувањата во економијата на ЕУ. Руско-украинската криза, посредно, преку европската економија се рефлектираше и кај нас. Каналите преку кои веќе се чуствува оваа криза е растот на цената на примарните производи, особено на храната и на енергенсите, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

Имено, инфлацијата во април ја забележа својата највисока стапка (10,5%) од почетокот на деведесеттите години наваму. Останатите канали преку кои оваа криза може да делува на нашата економија се трговијата, намалувањето на довербата кај потрошувачите, а со тоа и на потрошувачката и затегнувањето на меѓународните финансиски пазари. Согласно ова и очекувањата за овогодинешниот раст не може да кореспондираат на проектираниот раст на БДП во буџетот за оваа година, кој беше донесен пред случувањата во Украина и изнесуваше 4,6%. Очекувањата на меѓународните финансиски институции за годинава за нашата економија се движат околу 3% раст на БДП во просек (ММФ со проекција од 3,2%, ЕБОР со проекција од 3% и Светска банка од 2,7%). Каков ќе биде исходот, сепак, ќе зависи исклучиво од тоа што ќе се случува понатаму во Украина, какви нови санкции ќе се наметнат на Русија и како сето тоа тоа ќе се рефлектира на нашите најголеми трговски партнери од ЕУ.

Сепак, едно е јасно, потребно е реструктуирање на буџетот за да може соодветно да се одговори на новонастанатата ситуација. Во Министерството за финансии веќе се одвиваат консултации со институциите за степенот на реализација на проектите и тековните расходи. Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може – ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои со огледот на ситуацијата, најверојатно ќе бидат повторно потребни.

Од почетокот на кризата, одговорот на Владата изнесуваше 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Оваа сума е меѓу најсилните одговори на кризата во регионот. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. Нашата цел како Влада е да дадеме поддршка на граѓаните, на ранливите категории пред се, да го задржиме здравјето на економијата и да ја надминеме оваа криза, а потоа, да се вратиме на патеката и целта кон која се стремиме – повисоки и одржливи стапки на економски раст, пишува Бесими.

Слични содржини