Бесими: С. Македонија издвои најмногу средства за мерки како процент од БДП во регионот

од Nikola Popovski

Различни кризи бараат различни решенија. Најдобриот одговор е секогаш оној кој ќе даде најдобри резултати на подолг рок, додека политиките кои се носат за „денес“, секогаш треба да го земат предвид и „утре“. Тоа е вистинскиот пат за надминување на една криза, вака министерот за финансии, Фатмир Бесими ја започнува својата колумна која ја посветува на борбата против тековната криза и мерките кои се преземаат за да се олеснат нејзините ефекти.

Тој пишува дека нашата борба против кризата се состои од три компоненти.

-Прво, тековно справување со кризата и заштита на најранливите категории на граѓани и фирми. Второ, обезбедување на фискална одржливост и со тоа задржување на макроекономската стабилност. Трето, напоредно спроведување на реформи и поставување на нов и подобар систем на јавни финансии, кој по заздравување на економијата ќе придонесе кон забрзан економски раст.

Од почетокот на енергетската и ценовната криза, нашата Влада даде најенергичен одговор во регионот на Западен Балкан, кој согласно проценките на Групацијата на Светска банка изнесува околу 5% од БДП. Станува збор за поддршка во вид на субвенции, социјална заштита, даночни ослободувања и поддршка на домашните енергетски компании. За споредба, кај Србија таа изнесува 2,5% од БДП, Косово со околу 2,1%, Албанија 1,4%, Босна и Херцеговина 0,5% и Црна Гора 0,1%, објави Бесими.

Бесими потенцира дека Владата исто така обезбедила трансфери кон ЕСМ со цел ублажување на ефектите од растот на пазарната цена на електричната енергија, односно на регулираниот пазар сега се плаќа само 20% од реалната пазарна цена.

-Настојуваме на најоптимален начин, со најмали последици за сите да ја пребродиме и оваа криза. И верувам дека во тоа ќе успееме, впрочем како што успешно се изборивме со економската криза предизвикана од пандемијата, што го нотираат и меѓународните финансиски институции. Со ладна глава и широка перспектива, како и силно чуство на лична одговорност на сите општествени чинители, ќе го надминеме и овој предизвик. Сите заедно ќе ја оставиме зад нас и оваа криза, а колку брзо зависи повторно од сите нас, стои меѓу другото во колумната на Бесими.

Слични содржини