Бесими: С.Македонија со најмало остварување на даночни приходи во споредба со ЕУ и Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Во изминатите петнаесетина година, постојано бевме на понисно ниво во однос на прибраните давачки како удел во БДП, и во однос на ЕУ, и во однос на регионот, пишува министерот Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

Имено, во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и во Северна Македонија. Во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4% во БДП на ЕУ-27, што е за 10,7 процентни поени над оствареното во Северна Македонија (27,7%). Дополнително, овој јаз со текот на годините и се продлабочува, со што во 2020 година изнесува 13,8 процентни поени. Исто така, во однос на земјите од Западен Балкан, убедливо имаме најмало остварување. Учеството само на даночните приходи во БДП кај нас е уште помало, во 2020 година изнесувало 16,1%.

Зошто овој податок е важен? – Според експертите на Светската банка, уделот на даночните приходи во БДП е важен за економскиот раст и намалување на сиромаштијата, бидејќи осигурува дека државите располгаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст. Развиените земји, вообичаено имаат повисок удел. Просекот кај земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) беше 33,8% во 2019 година, или двојно во однос на нашиот резултат.

Ова не е сигнал, туку светлечки знак дека треба да се преземат мерки, ако сакаме, прво да се консолидираме, а по долгата и истоштувачка криза и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, вели Бесими.

Слични содржини