Бесими: Се намалува стапката од 18% на 5% за прометот на менструални производи

од Nikola Popovski
285 прегледи

Даночната реформа како дел од поширок процес на реформи во јавните финансии доби поддршка во Собранието. Денеска беа усовоени измени на Законот за данок на добивка и Законот за данок на додадена вредност, кои се во насока на креирање пооптимален даночен систем кој ќе обезбени повисоко ниво на праведност, ќе го поддржи економскиот раст и ќе овозможи понатамошно усогласување со ЕУ директивите. Исто така поддршка доби и Законот за данокот за солидарност, кој е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза и средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки.

„Даночната реформа е дел од сеопфатната реформа во јавните финансии кон која пристапивме уште пред повеќе од две години, а во текот на минатата година имавме интензивен инклузивен процес со сите засегнати страни, за да ги дефинираме предлозите, кои ќе придонесат за поголема праведност и правичност во оданочувањето. Таа се темели на Стратегијата за даночна реформа 2021-2025 година, која Владата ја усвои на крајот од 2020 година, како дел од Програмата на Владата. Целта беше да се обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето и ќе биде во функција на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст”, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, додавајќи дека поддршка за реформата има од ЕУ и меѓународните финансиски институции.

Даночната реформа е во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија. Поконкрентно со Предлог-законот за Данокот на додадена вредност се врши усогласување со Диреткивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери. Воедно, се предлага продолжена примена на повластената стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели во рок од 5 години од изградбата, ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно се намалува стапката од 18% на 5% за прометот на менструални производи и ќе стартува примена на повластена стапка од 10% кај дел од прехранбените производи кои не претставуваа основен дел од исхраната. Се воведуваат и одредени новини кои ќе придонесат за поедноставување на постапката за наплата на ДДВ.

Вториот закон, кој е дел од даночната реформа е Законот за данокот на добивка, со кој се обезбедува усогласување со препораките од ЕК и меѓународните финансиски институции, во насока на обезбедување подолгорочна стабилност на јавните финансии преку проширување на даночната база, а ќе придонесе и кон намалување на административниот товар на компаниите преку симплифицирање на одредени процедури од системот на данокот на добивка.

Во Собранието покрај овие две законски решенија, беше усвоен и Предлог-законот за Данокот на солидарност, кој не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Односно, средствата кои по овој основ ќе се слеат во Буџетот ќе бидат планирани во посебната програмата за справување со кризата и наменети за антиркизни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Опфаќа компании кои оствариле промет над 615 милиони денари во минатата година, а ќе го опфати делот кој претставува зголемување на добивката за 20% во однос на просекот од претходен 3-годишен период. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на ЕК, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг.

Слични содржини