Бесими: Силна поддршка од ЕБОР за приоритетните проекти на Владата, ќе се заокружи и финансирањето на интерконекторот со Грција

од Vladimir Zorba

Република Северна Македонија има значајна поддршка во реализација на нејзините приоритети од меѓународните финансиски институции. Меѓу најголемите поддржувачи во спровеведување на приоритетните проекти за инфраструктурно поврзување, заштита на животната средина и енергетска независност што ги спrоведува земјава има од Европската банка за обнова и развој. Поддршката од оваа меѓународните финансиска институција на земјава достигна 2,5 милијарди евра, од кои во најголем дел се во јавни проекти.

Континуитетот во поддршката на приоритетните проекти и продолжување на соработката на Владата на РС Македонија и ЕБОР денеска беше тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринг и Шарлот Руе, директорка на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа во Вашингтон.

На средбата од ЕБОР беше истакнато дека на почетокот на 2023 година се очекува Банката официјално да одобри средства во висина од 16 милиони евра за кофинансирање во проектот за Интерконекторот со Грција. Со ова ќе се затвори финансиската конструкција за реализација на овој значаен проект за земјава за енергетска диверзификација. За реалиација на овој проект се обезбедени срества од Европската инвестициска банка 25 милиони евра и грант од ВБИФ во износ од 12 милиони евра. Покрај ова, од ЕБОР се очекува и обезбедување финансиски средства за реализацијата на изградбата на гасоводот во земјата за делниците Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево.

ЕБОР е најактивна меѓународна финансиска инститиуција во земјава со активно портфолио во јавни инвестиции од над 800 милиони евра, од кои најголемиот дел во транспортниот сектор од над 500 милиони евра. Железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија и патниот правец Кичево-Букојчани се дел од проектите зад чија реализација стои Европската банка за обнова и развој. Дополнително во наредниот период со поддршка од ЕБОР ќе се рализираат и проектот за регионални депонии, а за скоро време се очекува да биде ефектуиран и заемот за поддршка на ЕСМ, за справување со енергетската криза, кој треба да биде усвоен во Собранието.

Министерот Бесими изрази благодарност за посветената поддршка на ЕБОР во подготовката и имплементација на приоритетните проекти утврдени од Владата на РС Македонија, како и за очекуваната натамошна поддршка во напорите што ги вложува нашата земја за приближување до стандардите на ЕУ и подигнување на стандардите и квалитетот на живот на граѓаните. Тоа е потврда за исправноста на нашите зацртани цели и патеката по која се движиме.

За таа цел на средбата министерот го претстави Планот за забрзан раст и можноста за инвестиции во проекти заедно со приватниот сектор, а кои ќе придонесат кон закрепнување и забрзување на економскиот раст. Исто така, ги истакна напорите кои се вложуваат во реализација на значајните капитални проекти.

Поддршката на ЕБОР во земјава е присутна од 1993 година и досега е вклучена во 165 проекти.

Приоритетните проекти, можностите за инвестирање и енергетската криза беа тема и на средбата на министерот за финансии со претставници на Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ.

Средбите се одржаа во рамки на учеството на министерот за финансии на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

Слични содржини