Бесими: Таргетирани мерки се најдобриот одговор на економската криза

од Vladimir Zorba

Препораките на Меѓународниот монетарен фонд, анализирајќи ја тековната ситуација во светот (која патем во тој период не беше ескалирана до овој степен), беа во насока да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, а притоа да се преземат мерки за да се заштитат најранливите категории, пишува во својата редовна колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Имено, ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Добар пример е побарувачката за енергија, која на кус рок е нееластична, но на среден рок таа станува еластична односно со растот на цената, може да се намали побарувачката. Со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

ММФ препорачува таргетирани мерки, кои се однесуваат на најранливите категории на граѓани на кои им е потребна поддршка за да се зачува социјалната стабилност во време на кризата. Слична препорака за фискалната политика дава и Советот на ЕУ, кои во својата последна изјава од октомври посочуваат дека фискалната политика треба да реагира на енергетската криза и инфлациските притисоци. Советот прецизира дека реакцијата треба да биде насочена на поддршка на ранливите категории на граѓани и бизниси, мерките насочени кон приходите да се исклучоци, привремени и насочени кон оние на кои им се најпотребни.

Понатаму, тие посочуваат, исто како и Фондот, дека треба да се настојува во насока на намалување на потрошувачката на енергија, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и други политики кои нема да ги нарушат пазарните спреги на долг рок. Тие исто така посочуваат дека фискалната политика треба да се воздржува од мерки и активности кои ќе додадаваат на инфлаторните притисоци, како и дека потенцијалот за раст треба да се зголемува внимателно без приота да се попречи на целите на монетарната политика да ја стабилизира инфлацијата на среден рок. Тие потсетуваат и дека широката поддршка на агрегатната побарувачка (каква што беше за време на пандемијата) преку фискалните политики, сега не е оправдана.

Исто така, препораките на меѓународните финансиски организации, како ММФ и Светска банка, се во насока на фискална одржливост. Имајќи во предвид дека државниот долг за време на пандемијата нагло се зголеми кај најголем број од економиите во развој, препораката останува постепена фискална консолидација.

Економските политики кои ги води оваа Влада се претпазливи и аналитични. Секој чекор кој го преземаме во борбата против оваа светска економска криза е добро обмислен – неговите тековни ефекти, но и неговите среднорочни и долгорочни последици. Во кризни времиња, со голем број на засегнати страни, очекувано е да се наиде на отпор и негодување за одредени преземени чекори во насока дека се ненавремени, или слаби. Но треба да се има предвид и дека станува збор за исклучително комплексна ситуација и дека секогаш се гледа најоптималното решение кое ќе придонесе за решавање на кризата во целина“, вели Бесими.

Слични содржини